Според партијата, во времето на претходната власт, цените на горивата надминувале 110 денари по литар, а сега, како што велат, Македонија има убедливо најниски цени на горива во регионот и Европа

СДСМ мора да шири лаги и манипулации, врз основа на тоа постојат, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои преку писмено соопштение одговорија на денешните обвинувања од опозицијата. Од партијата посочуваат дека меѓународните институции даваат сосема поинаква слика за македонската економија во споредба со онаа на опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Не ВМРО-ДПМНЕ, туку ММФ вели дека сме меѓу првите три држави кои примениле најмногу мерки за справување со ценовните шокови“,
се вели во партиската реакција.
Според партијата, во времето на претходната власт, цените на горивата надминувале 110 денари по литар, а сега, како што велат, Македонија има убедливо најниски цени на горива во регионот и Европа.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во времето на СДСМ инфлацијата била 14 отсто, а платите растеле само за пет проценти. Денес, според нив, платите во јавниот сектор растат за 10-15 проценти годишно, додека инфлацијата е околу три отсто.
Во соопштението се додава дека разликата во водењето на економијата е огромна и очигледна за граѓаните.
„Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС во однос на економијата е огромна. ВМРО-ДПМНЕ го штити стандардот на граѓаните, ги зголемува платите и го полни Буџетот, а СДС ги краде и граѓаните и Буџетот“,
велат од партијата.
Претходно денеска од СДСМ на прес-конференција обвинија дека граѓаните со празни фрижидери и џебови ги живеат „бајките“ на Мицкоски за трета економија во Европа.
