Очекувањата, како што рече Кузеска, се дека наредниот месец ќе има нови предизвици, прогнозите на Европската централна банка и Европската комисија се дека следува забавување на растот, висока инфлација и ризик од рецесија

Со празни фрижидери и џебови, граѓаните најдобро знаат за бајките на Мицкоски за трета економија во Европа, рече портпаролката на СДСМ, Богданска Кузеска, на денешната прес-конференција.
Според неа, секојдневието на народот е сурово бидејќи, како што рече, цените поскапеа, стандардот паѓа, платите не мрдаат, а граѓаните имаат сè помалку пари.
Таа потсети дека партијата на самиот почеток на кризата, пред 50 дена, предложила конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
„Мицкоски не презеде ништо. Напротив, владата ја укина и мерката за намален ДДВ за дизелот, враќајќи го на 18 отсто. Сега е веќе доцна, цените пораснаа, а товарот го носат граѓаните. Народот плати за грешките на Мицкоски“,
рече Кузеска.
Очекувањата, како што рече таа, се дека наредниот месец ќе има нови предизвици, прогнозите на Европската централна банка и Европската комисија се дека следува забавување на растот, висока инфлација и ризик од рецесија.
„Само Мицкоски и понатаму живее во својот паралелен свет на бајки за трета економија во Европа. Граѓаните не живеат од бајки – тие ја живеат реалноста секој ден“,
додаде портпаролката.
Кузеска посочи дека зеленчукот е поскапен за над 38 отсто, овошјето за над 10 проценти, а цените во земјоделството се зголемени за 23 отсто. Таа рече дека се поскапени и месото, јајцата, маслото.
Во исто време, рече таа, платите стагнираат и остануваат меѓу најниските во Европа, а Мицкоски одби да ги покачи платите на работниците, одби 600 евра минимална плата.
„Мицкоски нема капацитет да води економска политика. Има капацитет само за својот приватен бизнис и за тендери. Човек со часовници од 60 илјади евра или 150 минимални плати им кажува на граѓаните дека сме трета економија во Европа, ама дека најниските плати им се доволни. Какви апсурди“,
кажа Кузеска.
Кузеска истакна дека инвестициите се паднати за над 60 отсто, а компаниите имаат отпуштено над 1 500 работници за само неколку месеци. Таа денеска ги повтори итните мерки што ги имаат како партија, а за кои рече дека се потребни за граѓаните.
„Замрзнување на цените на основните производи, намалување на ДДВ за храна и енергија, директна помош за ранливите категории, мерки за зачувување на работните места“,
се мерките што ги предлага СДСМ.
