„Имињата не можам да ги споделам бидејќи постапката е сè уште класифицирана. За сите се побарани агремани, за дел од нив имаме добиено одговор, и тоа е нормално во дипломатската практика да чекаме одговор“, вели министерот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека во тек е пополнување на местата за шефови на дипломатско-конзуларни претставништва.
Муцунски појасни дека Владата веќе поминала поголема група кандидати, но нивните имиња сè уште не се откриваат во јавноста поради безбедносни протоколи.
„Имињата не можам да ги споделам бидејќи постапката е сè уште класифицирана. За сите се побарани агремани, за дел од нив имаме добиено одговор, и тоа е нормално во дипломатската практика да чекаме одговор“,
рече Муцунски на заедничката прес-конференција со министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев.
Според Муцунски, на некои амбасадори ќе им завршуваат мандатите, но вели дека се работи во некој поскорешен период да има целосна пополнетост на позициите шефови на дипломатско-конзуларни претставништва, од гледна точка на амбасадори и генерални конзули.
Во меѓувреме, посочи Муцунски, и во тие главни градови каде што нема амбасадори, има вршители на должност амбасадори, за кои вели дека се искусни дипломати од редот на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски пред околу еден месец потсети дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во МНРиНТ со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години и, како што нагласи, „тоа се врзува со нашата заложба која почна со измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи“.
Во февруари годинава, Владата избра девет нови амбасадори кои заминуваат во седиштето на НАТО во Брисел, во Лондон, Бугарија, Романија, во седиштето во Хаг, во Албанија, Јапонија, Украина и Данска.
По шефот на македонската дипломатија, и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вели дека над 60 проценти од предложените кандидати за амбасадори во повеќе дипломатско-конзуларни претставништва се дипломати од кариера.
Претседателката на државата потсети дека според Законот за надворешни работи потребно е 50 проценти од шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) да бидат дипломати од кариера, односно да доаѓаат од редовите на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а изрази надеж дека во иднина ќе се стигне и до 70 проценти на кариерни дипломати.
Сепак, додаде таа, тоа не значи дека не треба да се номинираат и луѓе надвор од дипломатската фела и затоа кажа дека во последните предлози има и луѓе од невладиниот сектор, кои, според неа, се одлични познавачи на проблемите што треба да ги претставуваат надвор.
