Во партиско соопштение се наведува дека СДСМ, наместо да се фокусира на домашната политичка сцена, се занимава со политички случувања во други држави, вклучително и со изборите во Унгарија
Дополнително, партијата наведува дека СДСМ бележи пад на поддршката, повикувајќи се на резултатите од претходните избори, и оценува дека актуелното раководство ја води партијата во погрешна насока
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати остри критики кон опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и нејзиниот лидер Венко Филипче, оценувајќи дека опозициската партија е оддалечена од реалноста и не се соочува со сопствените слабости.

„СДС и Филипче стануваат сè поарогантни, а и делуваат целосни отуѓени од реалноста. Не се соочуваат никако со сопствените слабости, и покрај реакции од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна, и покрај тоа што нивни, сега поранешни, членови и функционери јавно се огласуваат за истото“,
велат од владејачката партија.
Во партиско соопштение, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека СДСМ, наместо да се фокусира на домашната политичка сцена, се занимава со политички случувања во други држави, вклучително и со изборите во Унгарија.
„Најново, по изборите во Унгарија, каде победи партијата Тиса, која инаку е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДС, очајнички бараат некоја утеха занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни. Филипче, на пример, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија. Од друга страна, сестринската партија на СДС, на истите тие избори доживеа дебакл. За тоа досега нема коментар. За било каква насока за СДС нема коментар. Ама има коментар за сè останато“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од партијата тврдат дека СДСМ не дава одговори за сопствените резултати и состојбата во партијата, посочувајќи дека дел од поранешните функционери јавно изразиле незадоволство од раководењето.
„На никој не му е јасно што прави Филипче. На Филипче не му е јасно што прави Филипче. Освен тоа што ги продолжува антидржавните политики, кои инаку се печат на времето на владеење на Заев. А факт е дека тој настапува со некој победнички тон, додека СДС пропаѓа континуирано. Се скараа со сопартијци, оттурнаа поранешни функционери, влегоа во конфликт со медиуми, со новинари, а сега веќе отворено иницираат кавги со други држави и нивни претставници во земјава“,
се вели во партиското соопштение.
Во соопштението се осврнуваат и на ставовите на Филипче за договорот со Обединетото Кралство, како и за економските политики поврзани со САД, тврдејќи дека неговите оценки биле демантирани од надлежните институции.
„Филипче имаше коментар за стратешкиот договор со Велика Британија, дека наводно договорот бил договор за носење мигранти во земјава. Откако беа демантирани од сите релевантни институции, па дури и од британскиот амбасадор во земјава, останаа без коментар. Владата преку тој договор ја постави Македонија рамо до рамо со големите светски сили. Ама јасно е дека на Филипче не му е дојдено до интересите на Македонија. Потоа Филипче имаше коментар за тарифите од страна на САД, па кога Владата потпиша Заедничка изјава со САД и се намалија тарифите, немаше коментар. Во контекст на постмониторингот со Советот на Европа, ВМРО-ДПМНЕ за помалку од две години власт го заврши истиот. Седум години не им беа доволни на СДС да го завршат, а сега велат тие го направиле тоа“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, партијата наведува дека СДСМ бележи пад на поддршката, повикувајќи се на резултатите од претходните избори, и оценува дека актуелното раководство ја води партијата во погрешна насока.
„СДС се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори минатата година, а ќе се сведе на уште помалку на следни избори, според тоа како Филипче ја води партијата. Најзагрижувачко е што ни ова не го вознемирува Филипче. Преку пи-арот на Башановиќ истата матрица продолжува. Се занимаваат со лаги и конструкции, постојано некој води црна кампања против нив, и тие постојано се жртва“,
пишува во соопштението на партијата на власт.
Оттаму додаваат и дека никој освен Филипче не води црна кампања против СДСМ, додавајќи дека шират паника за работи што не постојат, како тоа за мигрантите.
„Не им е јасно во која земја се опозиција, не им е јасно каде стојат со сестринските партии, не им е јасно кого поддржуваат, не им е јасно што се случува и не се во координација едни со други внатре. СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ денеска излегоа со обвинувања дека владејачката партија и нејзини претставници користат услуги од странски приватни разузнавачки агенции за, како што наведуваат, фабрикување афери и дискредитација на опозицијата.
Во партиско соопштение, од СДСМ тврдат дека израелската компанија „Блек кјуб“ позната по контроверзни активности, била ангажирана за следење и собирање информации за нивни функционери, меѓу кои и за партискиот лидер Венко Филипче.
