Од партијата наведуваат дека оваа компанија во минатото била поврзувана со активности во други земји, вклучително и во Унгарија и Словенија, каде, според нив, била користена за политички цели
Тим на „Блек кјуб“, според опозицијата, неодамна престојувал во Скопје и остварил средби со лица блиски до владејачката структура, со цел подготовка на активности насочени против функционери на СДСМ и лидерот Венко Филипче
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска излезе со обвинувања дека владејачката партија и нејзини претставници користат услуги од странски приватни разузнавачки агенции за, како што наведуваат, фабрикување афери и дискредитација на опозицијата.

Во партиско соопштение, од СДСМ тврдат дека израелската компанија „Блек кјуб“ позната по контроверзни активности, била ангажирана за следење и собирање информации за нивни функционери, меѓу кои и за партискиот лидер Венко Филипче.
„Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ се обидуваат да фабрикуваат афери против СДСМ преку странски приватни разузнавачки агенции. ‘Блек кјуб‘ е позната израелска приватна разузнавачка компанија, често наречена ‘приватен Мосад‘. Се занимава со следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели. Компанијата е позната по своите спорни методи и соработка со авторитарни режими. Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“,
велат од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека оваа компанија во минатото била поврзувана со активности во други земји, вклучително и во Унгарија и Словенија, каде, според нив, била користена за политички цели.
„Орбан уште 2018 година ги однесе ‘Блек кјуб‘ во Унгарија и ги користеше за валкани операции против политичките противници. На последните избори во Унгарија, оваа компанија требаше да пушти провокативни снимки против Петер Маѓар, додека истовремено работеа на афера на изборите во Словенија за Јанез Јанша. Сега истата тактика ја применуваат и во Македонија“,
пишува во партиското соопштение.
СДСМ тврди дека тим на „Блек кјуб“ неодамна престојувал во Скопје и остварил средби со лица блиски до владејачката структура, со цел подготовка на активности насочени против опозицијата.
„Тимот на ‘Блек кјуб‘ неодамна престојувал во Скопје и во еден ексклузивен хотел имале состанок со заштитниците на криминалната група ВМРО. На состанокот присуствувал и еден бизнисмен, многу близок до ВМРО, кој треба да го финансира ангажманот на оваа приватна израелска компанија. Целта е јасна – да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ. Ова се случува токму сега, кога ВМРО е во слободен пад, веќе изгуби над 150 000 гласа“,
велат од опозицијата.
Во соопштението се посочува дека ваквите дејствија претставуваат обид за политички притисок и заплашување, како и дел од поширок, како што го оценуваат, автократски модел на делување.
„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата. Ние не се плашиме од приватни ‘Мосади‘, ниту од ‘чувствата‘ на Мицкоски“,
додаваат оттаму.
Од СДСМ исто така упатија критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за, како што велат, најави за гонење на нивни функционери.
„Нервозата е толку голема што Мицкоски јавно се заканува со ‘имам чувство‘ дека ќе почнат гонења против функционери на СДСМ и нивните семејства“,
велат од партијата.
Од владејачката партија засега нема официјален одговор на овие наводи.
