Неформалната мрежа на граѓански организации во својата реакција посочува дека, иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретното барање за повторување постапка врз основа на пресуда од ЕСЧП има различна правна природа и претставува прашање од јавен интерес
Блупринт-групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост поради вчерашната одлука на Судскиот совет – на затворена седница да одлучува по барањето за повторување на постапката против судијата Стојанче Рибарев, кој беше разрешен во 2022 година, а за кого Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврди дека му било повредено правото на фер судење.

Неформалната мрежа на граѓански организации во својата реакција посочува дека, иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретното барање за повторување постапка врз основа на пресуда од ЕСЧП има различна правна природа и претставува прашање од јавен интерес.
„Досегашната пракса на Советот потврдува дека ваквите барања се разгледуваат на јавни седници, без тоа да го загрози интегритетот на судијата, туку напротив – го зајакнува легитимитетот на одлуките. Особено имајќи предвид дека одлуките за разрешување, како и пресудата на ЕСЧП, се јавно објавени, не постојат оправдани причини јавноста да биде исклучена во оваа фаза“,
велат од Блупринг-групата за реформи во правосудството.
Оттаму додаваат дека кога Судскиот совет одлучува за прашања поврзани со имплементација на пресуди на Судот во Стразбур без присуство на јавноста, се доведува во прашање правната сигурност и довербата во институцијата.
Од Блупринт-групата дополнително нотираат дека ваквото постапување е спротивно на препораките на Оценската мисија на Европската Унија, Комуникациската стратегија на Судскиот совет и воопшто на заложбите за реформи и унапредување на јавната доверба во судството.
„Доследното почитување на процедурите и принципот на јавност се клучни за градење независно и кредибилно правосудство. Поради тоа, апелираме Судскиот совет да обезбеди отвореност кон јавноста и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото“,
додаваат од неформалната мрежа на граѓански организации кои работат во областа на правосудството.
Судскиот совет вчера на затворена седница одлучуваше по барањето за повторување на постапката против судијата Стојанче Рибарев, кој беше разрешен во 2022 година, а за кого Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврди дека му било повредено правото на фер судење. Пред да одлучуваат за конкретната точка од дневниот ред, членовите на Советот расправаа дали дискусијата по ова прашање треба да биде јавна или не.
Осум члена на Советот гласаа за исклучување на јавноста од точката, инсистирајќи дека дисциплинските постапки за судиите се тајни, додека тројца беа против.
