„Вложуваме 40 милиони евра за универзитет со 2 000 студенти, а во исто време на Педагошкиот факултет во Битола зимно време не одат на настава бидејќи нема парно, во Штип одредени студенти од Медицинскиот факултет одат на пракса во Скопје затоа што Клиниката во Штип не е изградена, на УКИМ има факултети каде што прокиснуваат кровови, каде што е ладно поради тоа што е нема доволно греење“, рече поранешниот претседател на УСС УКИМ и член на Координативното тело за реформи во високото образование, Александар Николоски, во врска со предлог-законот за високо образование
Премиерот вели дека ќе направи сè за да се задржат младите, што е за почит, но јас овде сум единствен претставник на младите. Другите претставници од младинските организации не се тука бидејќи состанокот беше закажан вчера во 14 часот, односно ниту 24 часа порано од тоа што би требало за да се подготвиме и да дојдеме.

Ова го кажа Александар Николовски – поранешен претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ и член на Координативното тело за реформи во високото образование на денешната прес-конференција во свечената сала на Владата посветена на предлог-законот за високо образование.
„Сметам дека доколку сакаме да водиме инклузивни процеси и сакаме да ги слушаме младите треба навреме да сме известени бидејќи имаме што да кажеме и сакаме да помогнеме и да учествуваме во процесите“.
рече тој.
По говорите на премиерот и на министерката за образование и наука, за збор се јави Николовски. Рече дека иако студентите во изминатите две години биле вклучени во процесот на изработка на предлог-законот за високо образование, сепак, остануваат одредени предизвици во врска со законот.
„Националното студентско тело, коешто треба да биде претставник на сите студенти во државата, не е никаде вклучено во самиот закон за високо образование. Тоа беше клучно барање на сите универзитетски студентски собранија, тоа се 11 кои се функционални. Имавме неколку состаноци со министерката, ги знаеме предизвиците, беше кажано дека во одредени членови само ќе се напомене Националното студентско тело бидејќи тоа е тело кое ги претставува студентите на ниво на држава“,
рече Николовски во обраќањето во Владата.
Во делот на мандатите на претставниците во универзитетските студентски собранија, Николовски рече дека не побарале тие да траат две години со можност за реизбор, како што е предвидено.
„Сметаме дека доколку мандатите траат четири години, процесот не е демократски. Некој да биде четири години претставник на ниво на универзитет или факултет не им дава можност на другите генерации да се вклучат во работата на самите студентски собранија. Исто така, бараме намалување на бројот на членови во Универзитетскиот совет, како и кумулативниот просек што се зема за прием на нов кадар односно пресметката на просечниот успех во условите за избор на наставно-научни звања. Членот 161 предвидува кумулативен просечен успех од најмалку 8 проценти на студиите од прв и втор циклус. Проблемот е што кумулативниот просек ги маскира разликите меѓу циклусите. Еден кандидат може да има просек 6 на додипломски, а 10 на постдипломски студии бидејќи сега некои факултети не даваат услов за запишување на магистерски некој да има 8 процес“,
рече Николовски.
Во своето обраќање тој рече дека треба да се внимава и на финансирањето бидејќи тоа е клучно за функционирање високото образование. Во оваа смисла, Николовски посочи дека капиталните инвестиции за 2025 година за УКИМ изнесувале 245 000 евра, а за Универзитетот „Мајка Тереза“ два милиони евра.
„Студентите на УКИМ се 23 000, а на ‘Мајка Тереза’ се 2 000. Вложуваме 40 милиони евра за универзитет со 2 000 студенти, а во исто време на Педагошкиот факултет во Битола зимно време не одат на настава бидејќи нема парно, во Штип одредени студенти од Медицинскиот факултет одат на пракса во Скопје затоа што Клиниката во Штип не е изградена, на УКИМ има факултети каде што прокиснуваат кровови, каде што е ладно поради тоа што е нема доволно греење. Имаме неколку студентски домови што се во ужасна состојба. На пример тој во Охрид, тоа не се услови каде што студент треба да живее. Мојата поента е да внимаваме каде ги вложуваме средствата“,
рече Николовски.
