Пред да одлучуваат за конкретната точка од дневниот ред, членовите на Судскиот совет расправаа дали дискусијата по ова прашање треба да биде јавна или не. Осум члена на Советот гласаа „за“ исклучување на јавноста од точката, инсистирајќи дека дисциплинските постапки за судиите се тајни, додека тројца беа „против“
Одлуката Судскиот совет да ја исклучи јавноста од овој дел од постапката денеска го прокоментира Ивана Петковска од коалиција „Сите за правично судење“. Таа оцени дека одлуката е нејасна со оглед на тоа што станува збор за завршена дисциплинска постапка со правосилна одлука која е јавно објавена, исто како и пресудата на Судот во Стразбур
Судскиот совет денеска зад затворени врати одлучуваше по барањето за повторување на постапката против судијата Стојанче Рибарев, кој беше разрешен во 2022 година, а за кого Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврди дека му било повредено правото на фер судење. По седницата, Советот донесе одлука:
„Да го усвои извештајот на Комисијата за основаност на барањето за повторување на постапка по повод пресуда на Европскиот суд за човекови права и одлучи предметот да го достави до Советот за жалби при Врховниот суд.“

Но, пред да одлучуваат за конкретната точка од дневниот ред, членовите на Судскиот совет расправаа дали дискусијата по ова прашање треба да биде јавна или не. Осум члена на Советот гласаа „за“ исклучување на јавноста од точката, инсистирајќи дека дисциплинските постапки за судиите се тајни, додека тројца беа „против“.
Против тајност на овој дел од постапката се изјаснија членките Антоанета Димовска, Сузана Јошевска и Џанета Бектеровиќ.
„Веќе сите ја имаме одлуката на Европскиот суд за човекови права и знаеме на што се однесува – воопшто не се однесува на меритумот на одлучување туку се однесува на сосема нешто друго и мислам дека е добро јавноста да ги чуе нашите размислувања“,
рече членката Антоанета Димовска.
На неа се надоврза членката Сузана Јошевска:
„Сметам дека постапката не треба да биде тајна заради тоа што ние нема да дискутираме во јавност ништо во врска со суштината на барањето и на причините заради кои е поднесено барањето ниту пак за детали од барањето туку само процедурално ќе разгледуваме во која фаза е постапката и како да се продолжи.“
По седницата, Јошевска во објава на Фејсбук порача дека како членка на Судскиот совет е посветена на транспарентноста како основа за зголемување на довербата во судството. Но, како што вели, личните ставови не секогаш се рефлектирани во одлуките кои ги носи мнозинството.
„Без оглед на постојаните надгласувања по ова прашање, ќе продолжам да се борам јавноста да се перцепира како сојузник на Советот, дури и тогаш кога е негов најголем критичар“,
пишува Јошевска во објавата.
Одлуката Судскиот совет да ја исклучи јавноста од овој дел од постапката денеска го прокоментира и Ивана Петковска од коалиција „Сите за правично судење“. Таа оцени дека одлуката е нејасна со оглед на тоа што станува збор за завршена дисциплинска постапка со правосилна одлука која е јавно објавена, исто како и пресудата на Судот во Стразбур.
„Образложението на дел од членовите дека се работи за дисциплинска постапка е сосема несфатливо бидејќи Советот во овој момент потребно е да одлучува само за прашањето дали воопшто ќе има повторно отворање на дисциплинска постапка. На крајот, ако продолжи ваквиот тренд на работење на Советот, очигледно повторно ќе се запрашаме дали има надеж за Судски совет кој ќе постапува доследно на Уставот и законите“,
пишува Петковска во објава на Фејсбук.
