Овие препарати се наменети за заштита, регенерација и подобрување на состојбата на кожата кај лица со изгореници, а набавката е реализирана во директна комуникација со засегнатите граѓани и во согласност со нивните реални потреби, со цел да се обезбеди навремена и соодветна поддршка во процесот на закрепнување
Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ денеска информира дека со дел од преостанатите средства од донациите е реализирана набавка на медицински кремови наменети за третман и нега на лицата погодени од пожарот во Кочани, во вкупна вредност од 1 023 871 денари.

Во рамки на набавката обезбедени се 300 кремови „биодерма СПФ 50“, 300 кремови „цицатрикс“ и 150 сета „ла рош-позе“.
Овие препарати се наменети за заштита, регенерација и подобрување на состојбата на кожата кај лица со изгореници.
Од иницијативата посочуваат дека набавката е реализирана во директна комуникација со засегнатите граѓани и во согласност со нивните реални потреби, со цел да се обезбеди навремена и соодветна поддршка во процесот на закрепнување.
Средствата за набавката се обезбедени преку донации од граѓани и компании, а дел од процесот е реализиран со поддршка од аптеките, кои овозможиле значителен попуст.
Лицата на кои им се потребни овие препарати ќе можат да ги подигнат од младинскиот центар „Гнездо“ во Кочани.
Оваа активност, според „Сапорт Кочани“ е уште една потврда за значењето на солидарноста и заедништвото во време на криза.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат со поддршка на засегнатите граѓани сè додека постои потреба за тоа.
