Оваа вежба е продолжение на серијалот „Македонски Блесок“ и има за цел да ја демонстрира борбената готовност, тактичката обученост и интероперабилноста на единицата во согласност со НАТО-стандардите
Теренска тактичка вежба „Блесок 26“ ќе се одржи од 19 до 27 април на воениот полигон „Криволак“ и на повеќе локации низ државата со учество на околу 1 500 припадници на Армијата и поддршка од НАТО-монитори.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на брифинг со новинарите рече дека вежбата претставува клучна фаза во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група како НАТО-декларирана единица.
Посочи дека еден од главните аспекти на вежбата е проверката на системот за командување и контрола, со цел негово унапредување и поефикасно функционирање.
„Блесок 26“ е продолжение на серијалот „Македонски блесок“ и има за цел да ја демонстрира борбената готовност, тактичката обученост и интероперабилноста на единицата во согласност со НАТО-стандардите.
Директорот на вежбата, полковник Игор Арсовски, рече дека оценувањето ќе го спроведе национален тим сертифициран од НАТО, под надзор на меѓународни монитори и набљудувачи од мултинационалните копнени сили.
Според него, вежбата ќе се реализира во контролирани услови, со однапред дефинирани сценарија и употреба на спротивставени сили (OPFOR), што ќе овозможи реална проверка на командувањето, логистиката и оперативните способности на единицата.
Во рамки на вежбата ќе се користи современа воена опрема и вооружување, меѓу кои оклопни возила JLTV, транспортни хеликоптери МИ-8/17, артилериски средства, хаубици од 105 мм и „М2А1“, минофрлачи од 120 мм, инженерски возила за детекција на експлозивни направи, како и беспилотни летала за извидување и набљудување.
Покрај „Криволак“, дел од вежбовните активности ќе се реализираат и во касарните во Штип, Прилеп и Петровец.
Пристигнувањето на персоналот е предвидено да започне на 16 април, свеченото отворање ќе се одржи на 20 април во Пепелиште, додека затворањето е планирано за 27 април.
Подготовките за вежбата траеја осум месеци и опфатија повеќе конференции и работилници, со цел да се обезбеди координација, прецизно планирање и натамошно унапредување на соработката со НАТО-партнерите.
