Овие цени дополнително се намалуваат и за попустот што компанијата ОКТА го воведе за горивата, кој важи до 30 април и се нуди при продажба на дизел и бензини кон големопродажните и малопродажните трговци

Од ноќеска на полноќ горивата ќе се продаваат по нова пониска цена.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), бензините ќе се продаваат за 1,5 денари поевтино, додека цената на дизел-горивото ќе се продава со цена пониска за 2,5 денари.
Од РКЕ велат дека од полноќ цената на бензинот БС-95 ќе изнесува 82 денари за литар, БС-98 ќе чини 84 денари, а дизелот ќе се продава за 95,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ, од полноќ за 3,5 денари поевтинува екстра лесното масло за домаќинство и тоа ќе се продава за 96,5 денари за литар. За 2,084 денари за килограм се намалува цената на мазутот кој со одлуката на РКЕ од полноќ ќе се продава за 49,227 денари за килограм.
Овие цени дополнително се намалуваат и за попустот што компанијата ОКТА го воведе за горивата, кој важи до 30 април и се нуди при продажба на дизел и бензини кон големопродажните и малопродажните трговци.
Попустот за дизел изнесува три денари по литар, а за бензините од 95 и 98 октани тоа е два денари по литар.
Со ова, цената на дизелот би се спуштила на околу 92,5 денари, додека бензините би се движеле меѓу 80 и 82 денари.
За новите цени на горивата денеска информираше и премиерот Христијан Мицкоски кој одговарајќи на новинарски прашања освен за ова најави и дека Владата подготвува конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните за да не се зголемуваат цените на прехранбените производи.
Мицкоски потврди дека се чека официјалниот извештај од институциите по што ќе бидат презентирани конкретни решенија.
„Сакаме мерките овој пат да бидат микротаргетирани. Внимателно ќе го анализираме извештајот и ќе донесеме конкретни мерки со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните и да не зголемуваат цените на прехранбените производи“,
изјави Мицкоски.
Премиерот ги отфрли обвинувањата од СДСМ за доцнење со мерките, потсетувајќи дека Македонија, заедно со Шпанија, била меѓу ретките земји кои го намалиле ДДВ. Тој посочи дека сега и претседателката на Европската комисија апелира земјите членки на ЕУ да го следат тој пример поради екстремно високите цени.
„Дури и овие параметри не им одговараат на СДСМ ’во земјата на лагите’,“
додаде тој.
Иако денеска се одржува владина седница на која се очекуваат важни одлуки, премиерот најави дека нема да ја води поради други обврски.
