Кога стигнале во шума, жртвата била принудувана да слуша аудиоснимки и да признае дека тој е сниманото лице, но оштетениот за цело време негирал. Поради тоа, двајцата осомничени му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка. Од претепувањето на оштетениот му биле нанесени тешки телесни повреди

Основното јавно обвинителство Кавадарци отвори истрага против две лица од демиркапиското село Корешница кои грабнале жител на Неготино, го мачеле и му се заканувале со убиство.
Од Обвинителството велат дека првоосомничениот сакал да го присили оштетениот да сними изјава во која признава дека ја силувал неговата сопруга.
Настанот се случил на 12 април, кога 37-годишник и 30-годишник, двајцата од село Корешница, со возило дошле пред куќата на жртвата во Неготино. Со вперен пиштол и физичка сила го принудиле оштетениот да влезе во автомобилот.
За да не гледа каде го носат, киднаперите му ставиле црни кеси на главата, му го одзеле и фрлиле мобилниот телефон, по што се упатиле на стариот пат кон Демир Капија.
Кога стигнале во шума, жртвата била принудувана да слуша аудиоснимки и да признае дека тој е сниманото лице, но оштетениот за цело време негирал. Поради тоа, двајцата осомничени му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка. Од претепувањето на оштетениот му биле нанесени тешки телесни повреди.
Иако киднаперите му го фрлиле телефонот, жртвата во последен момент успеала да испрати порака за помош до полицијата, а и соседите кои биле сведоци дека влегува во автомобилот.
Откако полицијата ги идентификувала и стапила во контакт со нив, осомничените сфатиле дека се откриени, па сами го однеле претепаниот маж во полициската станица во Неготино.
Јавниот обвинител оценил дека постои ризик од бегство или повторување на делото доколку насилниците се бранат од слобода.
Обвинителството поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата соизвршители.
Тие се товарат за кривично дело грабнување, за кое е предвидена минимална казна затвор од најмалку четири години.
