Одговарајќи на новинарско прашање унгарскиот политичар, кој речиси со сигурност ќе биде нов премиер на Унгарија, по 16 години владеење на Виктор Орбан, иако прашан само за двајцата поранешни полски функционери, самиот се осврна на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски
Петер Маѓар, лидерот на партијата Тиса која однесе убедлива победа на вчерашните парламентарни избори во Унгарија, на денешната речиси тричасовна прес-конференција, меѓу другото, порача дека неговата земја повеќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.

Имено, Маѓар беше прашан од новинарите за евентуална екстрадиција на двајца поранешни полски функционери кои Варшава ги бара со меѓународна потреница, а кои добија азил во Унгарија. Станува збор за поранешниoт министер за правда на Полска, Збигњев Жибро и неговиот ексзаменик на функцијата, Марцин Романовски.
Одговарајќи на прашањето унгарскиот политичар, кој речиси со сигурност ќе биде нов премиер на Унгарија, по 16 години владеење на Виктор Орбан, иако прашан само за двајцата поранешни полски функционери, самиот се осврна на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.
„Мислам дека бев многу јасен по тоа прашање кога говорев претходно. Реков дека не треба да купуваат мебел во Унгарија од ИКЕА, бидејќи нема да останат долго. Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци. И тоа не се однесува само на нив, туку и на г. Никола Груевски, поранешен претседател на Владата на Северна Македонија, кој, исто така, е престапник. Ова не е само затоа што е фер и праведно, туку очекуваме и од другите европски земји доколку кај нив има унгарски криминалци да ги екстрадираат во земјава, а во духот на европската соработка. Во таа насока им порачувам на господата Жибро и Романовски доколку нема што да кријат тогаш треба да си одат дома и да се соочат со правдата. Доколку сè уште не се заминале ние ќе ги екстрадираме во Полска“,
рече Маѓар.
Делот од изјавата на лидерот на Тиса каде тој го наведува Никола Груевски одговорајќи на новинарско прашање е на 1 час 08 минути и 10 секунди во видеото подолу.
Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“. Експремиерот во Унгарија стигна на сомнителен начин, поминувајќи преку три држави сокриен во дипломатско возило.
Таму тој доби политички азил, а властите во Будимпешта досега ги одбија барањата на земјава за негова екстрадиција.
