Според УХМР, до четврток времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Сончево време со умерена облачност прогнозираат за денеска од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во текот на денот ќе дува умерен, а наместа вдолж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец со брзина над 60 километри на час. Утринската температура ќе биде од три до 11 Целзиусови степени, а дневната од 15 до 21 степен.
Во Скопје, времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност и со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Температурата ќе биде од седум степени наутро до 20 во текот на денот.
За утре се најавува променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне и во текот на ноќта во јужните и во западните делови од земјата ќе има локални врнежи од дожд. И за утре се најавува дека ќе дува умерен, а наместа вдолж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец со брзина над 60 километри на час.
Слично време за утре се најавува и за во Скопје – променливо облачно со сончеви периоди и со умерен до засилен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура утре ќе се движи во интервал од 16 до 23 степени.
Според УХМР, до четврток времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, а в четврток ќе има услови за изолирана појава на грмежи. В петок и в сабота ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер.
