Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба на ветерен парк за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до 132 мегавати на територија на општините Штип, Радовиш и Карбинци

Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за февруари годинава покажуваат дека иако бројот на издадени одобренија за градење бележи пад, предвидената вредност на објектите е во пораст.
Во февруари годинава се издадени 244 одобренија за градење, што е за 10,3 отсто помалку во однос на истиот месец лани. Сепак, вредноста на објектите изнесува 14,5 милијарди денари, што претставува скок од 195,4 проценти во однос на минатиот февруари.
Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба на ветерен парк за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до 132 мегавати на територија на општините Штип, Радовиш и Карбинци.
Најголема градежна активност според издадените дозволи е забележана во Полошкиот Регион – 84 одобренија, Скопскиот Регион со 57 и Југоисточниот Регион со 33 одобренија.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење 173 или 70,9 проценти се наменети за објекти од високоградба, 25 од нискоградба и 46 за објекти за реконструкција.
Во однос на станбениот простор, предвидена е изградба на 309 станови со вкупна корисна површина од 36 919 метри квадратни. Најмногу од нив, односно 138, ќе се градат во Скопје, по што следува Полошкиот Регион со 83 нови станови. По бројот на соби најмногу ќе се градат трособните станови – 76, а двособни ќе има 68.
Како инвеститори доминираат физичките лица со 71,3 отсто или за 174 објекти, додека деловните субјекти се јавуваат како инвеститори во 28,7 проценти од вкупниот број објекти.
Според индексот на цени на недвижности, што го објавува Народната банка, становите во главниот град во првиот квартал поскапеле за 16,7 отсто на годишно ниво.
Минатата година во првиот квартал становите забележаа годишно поскапување за 19,5 проценти, во вториот за 19,9, во третиот од 25,1, а во четвртиот од 25 проценти.
Агенцијата за катастар на недвижности во своите извештаи за 2025 година наведе дека тековната 2026 година ќе ја одбележи умерен раст на пазарот. Се очекува зголемен интерес за инвестиции, но и понатамошен раст на цените за закуп на недвижностите.
