Од МВР информираат и дека поради почетокот на целосната имплементација на новиот систем за влез во Европската Унија, можно е и зголемување на времето на задржување на граничните премини при влез во ЕУ. Сепак, како што додаваат, преземени се сите неопходни мерки за непречено функционирање на граничните премини, со ставање во функција на сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел да се обезбеди брз проток на патници
Празничниот продолжен викенд направи гужви на граничните премини за излез од државата.
Најголем метеж има на премините кон Србија и кон Грција.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска, над 16 илјади македонски државјани од вчера до денеска напладне ја напуштиле државата преку граничните премини „Табановце“ и „Богородица“.

Така, на граничниот премин „Богородица“, во периодот од 9 април во 12 часот до 10 април во 12 часот, во државата влегле 1 394 македонски државјани, додека излегле 6 864. Во истиот период, влез оствариле 4 753 странски државјани, а 5 070 ја напуштиле државата.
Поголема е гужвата на граничниот премин „Табановце“, каде од вчера напладне до денеска влез во државата оствариле 3 158 македонски државјани, а излез 9 150. Кај странските државјани, 7 360 влегле, додека 5 449 ја напуштиле државата.
На преминот „Дојран“, регистрирани се 241 влез и 546 излези на македонски државјани, додека кај странците 1 212 влегле, а 1 114 излегле од државата.
На граничниот премин „Меџитлија“, влез во државата оствариле 129 македонски државјани, а излез 832. Кај странските државјани, 3 347 влегле, а 3 038 ја напуштиле државата.
Дополнително, од МВР информираат дека од денеска започна целосната имплементација на новиот систем за влез во Европската Унија, со што на надворешните граници се воведува дигитализиран начин на евиденција и контрола на патниците од земји што не се членки на ЕУ.
Со новиот систем, сите влезови и излези ќе се регистрираат електронски, при што ќе се обработуваат и основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија. Целта е побрза идентификација на патниците и поефикасно следење на дозволениот престој според правилото 90 дена во период од 180 дена.
Од МВР информираат и дека поради новите процедури е можно зголемување на времето на задржување на граничните премини при влез во ЕУ.
Оттаму додаваат и дека се преземени сите неопходни мерки за непречено функционирање на граничните премини, со ставање во функција на сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел да се обезбеди брз проток на патници.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во телевизиско гостување рече дека Владата работи на сеопфатно и долгорочно решение за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници, посочувајќи дека клучниот фокус е ставен на олеснување на визниот режим и подобрување на условите за работа во странство.
Со Бугарија и со Грција, како што посочи, се водат разговори за целосно укинување на визите за превозниците, имајќи ја предвид честата дневна циркулација. Во меѓувреме, кажа дека Швајцарија веќе вовела ваков режим, додека во Хрватска мерките се во парламентарна процедура. Разговори се очекуваат и со Унгарија по изборите, а најавени се и дипломатски активности во Романија и во Австрија.
Како земји каде што ќе треба да се постигне договор, Николоски ги посочи Германија и Велика Британија.
Во однос на новиот електронски систем, министерот појасни дека не станува збор за промена на правилата, туку за нивна поефикасна контрола. Ограничувањето за престој до 90 дена во рамките на 180 дена останува непроменето, но додава дека дигитализацијата ќе овозможи попрецизна евиденција и ќе ги елиминира досегашните слабости на системот со печати во пасошите.
