Со целосното ставање во функција на ЕЕС, влезовите и излезите ќе се бележат електронски, а ќе се обработуваат и основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија. Целта е побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој според правилото 90 дена во период од 180 дена. Поради тоа, се очекува новиот систем да доведе до подолго задржување на патниците на граничните премини при влез во ЕУ
Системот за влез и излез во Европската Унија (EES – Entry/Exit System) од денеска станува целосно оперативен, со што ќе се регистрираат сите странски државјани кои ги преминуваат надворешните граници на ЕУ преку копнени премини, пристаништа и аеродроми.

Овој систем, кој започна со делумна примена на 12 октомври минатата година, воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на патниците од земји што не се членки на Унијата, а патуваат за краткорочен престој.
Со целосното ставање во функција на ЕЕС, влезовите и излезите ќе се бележат електронски, а ќе се обработуваат и основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија. Целта е побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој според правилото 90 дена во период од 180 дена. Поради тоа, се очекува новиот систем да доведе до подолго задржување на патниците на граничните премини при влез во ЕУ.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека се преземени сите неопходни мерки за обезбедување непречен проток на патници. Во функција се ставени сите материјално-технички и човечки ресурси, а граничната полиција ќе работи со засилена ангажираност.
„Континуирано ќе ја следиме состојбата, ќе преземаме соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информираме граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот“,
соопштија од полицијата.
Од Асоцијацијата на превозници „Макамтранс“ оценуваат дека не се очекуваат значителни застои во товарниот сообраќај.
Според претседателката Билјана Муратовска, голем дел од професионалните возачи веќе се регистрирани во системот, што ќе придонесе за полесна адаптација. Сепак, посочува дека ситуацијата може да биде поразлична кај патничкиот сообраќај и патничките возила, каде се можни подолги задржувања.
Муратовска апелира професионалните возачи и транспортните компании внимателно да го следат бројот на денови на престој во рамки на правилото 90/180, со цел да се избегнат евентуални проблеми во шенген-зоната.
Дополнително, од 10 април започнува комбинирано броење на деновите на престој, при што до 10 октомври паралелно ќе се користат податоците од електронскиот систем и печатите во патните исправи.
Овој преоден период, како што рече таа, ќе трае сè додека не се овозможи издавање работни визи во согласност со новата визна стратегија, со која професионалните возачи ќе добијат соодветен статус.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во телевизиско гостување рече дека Владата работи на сеопфатно и долгорочно решение за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници, посочувајќи дека клучниот фокус е ставен на олеснување на визниот режим и подобрување на условите за работа во странство.
Со Бугарија и Грција, како што посочи, се водат разговори за целосно укинување на визите за превозниците, имајќи ја предвид честата дневна циркулација. Во меѓувреме, кажа дека Швајцарија веќе вовела ваков режим, додека во Хрватска мерките се во парламентарна процедура. Разговори се очекуваат и со Унгарија по изборите, а најавени се и дипломатски активности во Романија и Австрија.
Како земји каде што ќе треба да се постигне договор, Николоски ги посочи Германија и Велика Британија.
Во однос на новиот електронски систем, министерот појасни дека не станува збор за промена на правилата, туку за нивна поефикасна контрола. Ограничувањето за престој до 90 дена во рамки на 180 дена останува непроменето, но додава дека дигитализацијата ќе овозможи попрецизна евиденција и ќе ги елиминира досегашните слабости на системот со печати во пасошите.
