Така покажуваат исторските податоци од дневните просечни концентрации на ПМ10 честички од 2012 година кои се достапни во извештаите на Министерството за животна средина. Податоците ги прибираат државните мерни станици поставени на неколку локации низ главниот град
Од Министерството за животна средина велат дека промените се резултат на поголем број на мали мерки кои ги презела или државата или, пак, како резултат на помош од странски држави како – менување на греењето на државни институции, купување еколошки автобуси, субвенции за замена на стари печки во домаќинства и слично. Еко-активистите, пак, велат дека значајна улога има потоплото време и промените во струењето на ветровите
Дојде пролетта, а со тоа си замина сезоната на типични зимски денови за Скопје, полни со смог и магла. А кога загадувањето не се гледа со очи, колективно завршуваат и дебатите на оваа тема.

Токму затоа решивме сега, кога емоциите не се пред разумот, да направиме долгорочна анализа на единствените релевантни податоци кои покажуваат дали оваа зима дишевме полош, ист или подобар воздух, споредено со претходните години. Тие податоци се собираат со уреди како овој во центарот на Скопје. Резултатите од мерењата се достапни на дневно, месечно и годишно ниво. Се регистрираат, ПМ10 и ПМ2,5 честички.

Задачата што ние си ја поставивме е да споредиме – колкава била просечната дневна концентрација на ПМ10 честичките за секоја година почнувајќи од 2012-та. Бидејќи таа вредност ја мерат сите станици. Од поставените вкупно пет, се фокусиравме на три мерни станици во главниот град: Центар, Лисиче и Ректорат. Бидејќи се важен фактор, ги зедовме предвид и бројот на денови во една година кога станиците не работеле.

Мерната станица „Центар“, во близина на зградата „Нова Македонија“, е поставена покрај исклучително фреквентниот булевар „Мајка Тереза“, каде постојано има движење на возила.
Во 2012 станицата измерила дневен просек од 85,34 микрограми ПМ10 честички на кубен метар, а сумирано низ целата година не работела 54 дена. Следната, 2013-та, просекот се намалил на 76,26, а во 2014-та паѓа дополнително до 64,15. Во 2015-та има зголемување на 70,79 микрограми ПМ10 честички на кубен метар, па се до 2021 година воздухот бележи се подобар квалитет, стигнувајќи до 43,77 микрограми на кубен метар. Во 2022 г. се забележува мал скок на 49,44, при што мерната станица не работела 44 дена. Во последните три години бројките повторно паѓаат, до најниските во овие 14 години 43,5 микрограми изминатата 2025 година.

Втората мерна станица за која ги анализиравме податоците е „Лисиче“. И таа е сместена во непосредна близина на прометни булевари и нa помалку од еден километар воздушна линија од оџаците на „УСЈЕ“.
Во 2012 година, просекот изнесувал 122,45 микрограми ПМ10 честички на метар кубен, а станицата била во „дефект“ 52 дена. Загадувањето останува релативно високо и во следните пет години, а намалување се појавува во 2018 година, кога паѓа на 55,60 микрограми на кубен метар. Важно е да се напомене дека таа година станицата не работела 89 дена. Следната, 2019-та, просекот е 54,61, но забележливо е дека оваа година станицата не работела дури 351 ден, што значи дека речиси цела година државата не знаела каков воздух се дише во овој регион. Во наредните години, бројките се движат од 58,98 во 2020-та до 52,40 во 21’, за во 2023-та да падне на рекордно најниските 48,47 микрограми на метар кубен. Во 2024, повторно има зголемување на 51,77, а не работела 41 ден, додека во 2025 година изнесува 50,82 микрограми.

Мерната станица „Ректорат“ е поставена пред градилиштето каде со години стојат недовршените објекти на ФИНКИ и ДИФ. Тоа е една од локациите во Скопје со најгуст сообраќај во поголем дел од денот.
Во 2012-та просекот е 78 микрограми, но била надвор од функција 45 дена. Веќе следната, 2013 година, почнува тренд на намалување од 68,8, па на 68,36 во 2014-та и 58,09 микрограми на метар кубен во 2015 година. Следува раст на 71,17 микрограми ПМ10 честички во 2016, а врвот го достигнува во 2017 со просечни 82,08 микрограми. Оттогаш, генерално се намалува просекот на концентрација на ПМ10 честички, но притоа мора да се одбележи дека во 2020, 2021 и особено во 2023 година станицата не мерела во значителен дел од годината. Резултатите, сепак, се релевантни за лани кога нема податоци само за 11 дена, а мерењето покажува рекордно најниски 41,03 микрограми ПМ10 честички на метар кубен.

Или, споредено со појдовната 2012 година, просечната дневна концентрација на ПМ10 честички на метар кубен минатата 2025 година била намалена за 49 отсто во Центар, за 47,4 отсто кај Ректорат, а најголемо подобрување бележи Лисиче, каде има намалување за ПМ10 честичките за 58,5 отсто.
На што се должи овој тренд на намалување на бројките за ПМ 10 честичките, ако се земат предвид дневните просеци на годишно ниво?
Анета Стефановска е раководителка на одделението за мониторинг на амбиентален воздух при Министерството за животна средина и просторно планирање. Вели, не паѓа само просечната концентрација, туку и бројот на денови во кои е надминат прагот на загадување.
„Бројот на денови, три пати е помал сега во споредба со периодот пред 20-тина години. Ако имало случај во Лисиче да имаме околу 220-230 дена со концентрации на ПМ10 над 50-тина микрограми на метар кубен, сега просечно имаме околу 80, 90, 100-тина дена, зависи како на која мониторинг станица. Што значи дека три пати помалку денови со големо загадување имаме сега него во периодот пред 20-тина години“,
изјави Стефановска.

Падот на загадувањето во еден подолг временски период, според Стефановска се должи на повеќе фактори. Тука ги вбројува проектите што Министерството ги изготвува и спроведува во текот на годините во соработка со Европската Унија и други странски партнери. Но, додава дека влијаат и мерките на единиците на локалната самоуправа и поповолните временски услови.
За бројките до кои дојдовме во нашата анализа зборувавме и со оние што се најгласни за подобрување на воздухот во Скопје. Претставникот на иницијативата „Зелен хуман град“ и советник во Град Скопје, Марјан Калевски, тврди дека температурата во Скопје е зголемена во просек за два степени што директно влијае врз топлотната инверзија, појава која е одговорна за поклопецот над главниот град главно во зимскиот период.
„За ветерот забележав раст некаде околу 0,5 километри на час има зголемување, просечно зголемување на ветерот од 2012 година до сега. Што исто така е многу. На луѓето можеби не им значи дека 0,5 километри на час не е многу, но во однос на загадувањето тоа игра огромна улога дали ќе има помало или поголемо загадување“,
кажа советникот во Град Скопје.

И додека мерењата на ПМ 10 честичките покажуваат долгорочен тренд на опаѓање, Калевски ја отвора дилемата – дали овој параметар е единствен што детерминира дали воздухот е чист.
„Има тука врска помеѓу мерните станици мерат извесен број на загадувачи. ПМ10 е еден, има ПМ2,5 нели, и извесен број на гасови, но тоа не се сите материи што ги има на пример од загадувачката индустрија. На мерните станици не се мерат фурани и разни диоксини коишто се како производ од работата на различни индустриски капацитети“,
изјави Калевски.
За ова прашање, надлежните признаваат дека нема долгорочно и континуирано мерење на другиот тип на загадувачи, освен ПМ честичките. Но, при повремените проверки проблем со тешки метали досега не е забележале.
„Не дека немаме комплетна слика, и врз основа на тие направени анализи претходно, немало надминување на годишните гранични вредности за овие тешки метали што ние ги имаме досега анализирано. Да, тешки метали досега не сме имале проблем. Се сложувам дека можно е да имаме проблем, сме имале во претходните мерни кампањи со полициклични ароматични јаглеводороди, имало надминување на Бензоапиренот. Тоа да. А досега од направените мерења, тешки метали немало надминување“,
рече Стефановска.
Бензоапиренот за кој мерењата во минатото покажале зголемување на параметрите е соединениe кое предизвикува генетски дефекти, рак и репродуктивни оштетувања, а се ослободува при нецелосно согорување на органски материи – преку издувните гасови на возилата, согорување јаглен и дрва, и чадот од цигарите.

Дали поради времето, дали поради мерките, дали поради двете – факт е дека воздухот во Скопје е подобар од пред 14 години. Но, тоа не значи и дека е доволно добар.
Владата вети дека ќе го направи и тој чекор во догледен рок. Но, како што покажаа нашите претходни истражувања, голем дел од активностите кои веќе требаше да бидат готови се уште не се ниту почнати.
