Еден од сведоците посочи дека надвор било хаос и оти таа вечер, според негова проценка, во „Пулс“ имало околу 600 до 700 луѓе
Друг сведок кој бил гостин таа вечер посочи дека пожарот се раширил низ целиот плафон за само 30 секунди, што предизвикало хаос во дискотеката

Со сведоштва на преживеани денеска продолжи судењето за трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“, каде на 16 март 2025 година животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Сведоците пред судот опишаа хаос и стампедо и оти пожарот се раширил за само 30 секунди.
Според исказот на сведокот Мартин Димитров, пожарот избувнал околу 02:30 часот, непосредно по активирањето на пиротехнички средства за време на настапот на групата ДНК.
„Околу 2:30 почна да гори и им реков на другарите да излезат, тие се уште не беа свесни. Ја фатив девојка ми и ја избутав заедно со нејзината другарка. Таа остана на масата, не сакаше да излезе и јас и нејзиниот дечко ја фативме за рака. Позади нас имаше девојчиња на маса, не беа се уште свесни дека гори. Се истуркавме до излезот каде што се заглавивме малку и ако подзадоцневме 8 до 12 секунди, немаше да излеземе. Додека бев на првата скала се свртев назад и сѐ беше темно, почнаа да пукаат најверојатно светилки“,
рече Димитров.
Тој посочи дека надвор било хаос и дека таа вечер, според негова проценка, во „Пулс“ имало околу 600 до 700 луѓе.
Во обидите за гаснење на пожарот, рече дека го забележал само сега починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев, кој се обидувал да го изгасне огнот фрлајќи чаша со вода нагоре. Димитров нагласи дека не забележал противпожарни апарати, ниту хидранти, освен стрелки за излез над единствената врата. Тој посведочи дека во спасувањето на присутните помагале повеќе лица, меѓу кои и обвинети во предметот.
Сведокот Анастасија Илиева го потврди присуството на малолетници, наведувајќи дека на влезот не биле барани лични карти. Посочи дека критичната вечер била во дискотеката со четири другарки, од кои две малолетни.
Илиева рече дека околу 2 часот започнал настапот на групата ДНК, а половина час подоцна се вклучиле пиротехничките средства.
Таа опиша како ја изгубила свеста поради густиот чад и специфичниот мирис, а била спасена преку дупка направена во ѕидот на објектот.
„Околу 2:30 се вклучија пиротехничките средства, јас бев на друга маса со други другари и пејачот кажа дека се запалило, мислевме дека е нешто мало, ние не приметивме, мислевме дека ќе се спречи. Тргнавме да излегуваме надвор, меѓутоа настана стампедо“,
рече Илиева.
Додаде дека чекала неколку секунди откако пејачот на ДНК на микрофон кажал дека има пожар, претпоставувајќи дека некој ќе ја отвори задната врата, бидејќи најверојатно била заклучена.
Илиева посочи и дека доброволно го предала својот мобилен телефон на обработка, на кој имала снимка од моментот кога се вклучуваат пиротехничките средства и почнува да гори.
Претходно на денешното рочиште, друг сведок кој бил гостин таа вечер посочи дека пожарот се раширил низ целиот плафон за само 30 секунди, што предизвикало хаос во дискотеката. Тој наведе дека бил спасен од лице од обезбедувањето и пожарникар, откако врз него паднала ПВЦ-врата и имало седум луѓе врз него.
На претходното рочиште, одржано на 6 април, сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој пред судот изнесе тврдења дека неговиот син бил назначен за управител „за да не пропадне лиценцата“ на објектот, без да ги знае вистинските одговорности.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска и се наоѓа во фаза на доказна постапка и продолжува со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
