„Човек кој профитирал од струја, сега ќе одлучува за цената на струјата“, велат од опозициската партија

Со изборот на Ацо Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Христијан Мицкоски официјализираше уште една алка во својата бизнис-мрежа во енергетиката, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако вчера во Собранието со 68 гласа „за“ и 15 „против“ Ристов беше избран да ја води РКЕ.
Според СДСМ, уште една институцијата што треба да ги штити граѓаните, сега станува алатка за задоволување на бизнис-интерес.
„Тело кое ги одредува цените на струјата, горивата и енергенсите е ставено под контрола на партиски човек на Мицкоски со директни бизнис-интереси во секторот“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата велат дека Ристов не е само поранешен функционер на ВМРО-ОКГ, туку и бизнисмен во енергетиката со мали хидроцентрали – ист бизнис како и Мицкоски.
„Човек кој профитирал од струја, сега ќе одлучува за цената на струјата“,
додаваат од СДСМ.
Непосредно пред неговиот избор, Ристов формално се повлекол од сопственоста на неговите компании, што според СДСМ, е класичен пример на „чистење“ на неговото минато пред преземањето на функцијата.
„Бизнис операција осмислена да се вклопи во бизнис-мрежата на Мицкоски во која клучна улога има Сања Божиновска и ’Руднап’. Почнувајќи од Душан Адамовиќ, функционер на СНС и почесен конзул, преку офшор структурите на Кипар, па се до поврзаноста со ’Руднап’ на Војин Лазаревиќ. Сите делчиња од својата мрежа Мицкоски ги има наместено, од производство и увоз на струја, продажба, па сега до институцијата што ги одредува цените“,
велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека додека во светот цената на горивата падна драстично, во земјава нема намалување на цените кои се зголемија за дури 38 отсто.
„Кога граѓаните денеска плаќаат поскапо гориво, кога добиваат повисоки сметки за струја – тоа е резултатот на мрежа која заработува додека граѓаните осиромашуваат. Сѐ е бизнис за Мицкоски“,
се додава во соопштението од опозициската СДСМ.
Ристов, кој вчера беше избран да ја раководи РКЕ, доаѓа на местото на Марко Бислимоски кој во февруари годинава поднесе оставка.
И во текот на вчерашната собраниска расправа пратениците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложила партиски кадар за претседател на РКЕ. Од владејачкото мнозинство посочија дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата.
