Од Министерството за енергетика посочуваат дека со документот се потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен и достапен гас за државата, јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите
Во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потпиша меморандум за разбирање со Соединетите Американски Држави за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас. Потпишувањето се реализира во Вашингтон помеѓу македонската министерка за енергетика и заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.

Од Енергетика посочуваат дека со документот се потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен и достапен гас за државата, јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите.
„Се предвидуваат конкретни чекори за развој на инфраструктурата, подобрување на транспарентноста на пазарите на гас, со што се отвора можност за користење на јавни и приватни финансиски инструменти, вклучително и поддршка од меѓународни финансиски институции и извозни кредитни агенции. Фокусот на разговорите е јасен – енергетска безбедност, економска соработка и конкретни проекти што носат стабилност, инвестиции и развој“,
наведуваат од Министерството.
Во рамки на посетата на САД, Божиновска остварила средба и со заменик-советникот на Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД, Џерод Ејџен, со кого размениле ставови за унапредување на соработката во енергетскиот сектор.
