Од МВР велат дека со цел обезбедување брз и непречен проток на патници од страна на македонската гранична полиција се преземени сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси

Од 10 овој месец започнува целосната имплементација на Системот за влез и излез во Европската Унија (EES – Entry/Exit System), информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Со овој систем се воведува нов, дигитализиран начин за контрола на надворешните граници на ЕУ за сите државјани на земји кои не се членки на Унијата, вклучително и македонските граѓани кои патуваат за краткорочен престој.
На граничните премини, влезовите и излезите на граѓаните ќе се евидентираат електронски, а системот ќе овозможи обработка на основни биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија. Целта е побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој согласно правилото „90 дена во период од 180 дена“, со што времето на задржување на граничните премини за влез во ЕУ би се зголемило.
Од МВР велат дека со цел обезбедување брз и непречен проток на патници од страна на македонската гранична полиција се преземени сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси.
„Граничната полиција ќе постапува со засилена ангажираност на терен, континуирано ќе ја следи состојбата, ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информира граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот“,
велат од МВР.
Новиот дигитален Систем за влез и излез (ЕЕС) на граничните премини на надворешните граници на 29 земји членки на Шегнен-зоната стапи во сила на 12 октомври минатата година.
Новите правила се имплементираа постепено, а најавите беа дека процесот ќе заврши до април годинава.
Со ЕЕС се очекува да се обезбедат веродостојни податоци за граничните власти, што ќе им овозможи систематски да откриваат лица кои го пречекоруваат дозволениот период за престој, како и случаи на измама со патни документи и идентитет.
