Според деталите од Обвинителството за случајот, првиот осомничен, за кого се бара притвор, е 38-годишен скопјанец, кој со автомобил со скопски регистарски ознаки ја пренесувал дрогата, спакувана во четири големи црни патни торби, додека вториот, 55-годишен жител на Кавадарци, имал улога на „чистач“, односно бил претходница со друго возило и имал задача да предупреди за евентуални полициски контроли
Велешкото Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица кои вчера беа откриени и лишени од слобода кај наплатната рампа „Стоби“, во близина на Градско, при транспорт на 65 килограми марихуана.

Како што информираа од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничените се товарат за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според деталите од Обвинителството за случајот, првиот осомничен е 38-годишен скопјанец, кој со автомобил со скопски регистарски ознаки ја пренесувал дрогата, спакувана во четири големи црни патни торби, додека вториот, 55-годишен жител на Кавадарци, имал улога на „чистач“, односно бил претходница со друго возило и имал задача да предупреди за евентуални полициски контроли.
„На наплатната рампа полициски службеници забележале сомнително движење на автомобилот во кој била дрогата, а возачот на даден знак да застане за легитимирање, со голема брзина се дал во бегство кон Градско. Сепак, полицајците успеале да го стигнат и извршиле преглед на возилото каде ја пронашле марихуаната“,
се наведува во соопштението.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка на Основниот суд во Велес доставил предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен.
За пресекувањето на транспортот на марихуната вчера информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде наведоа дека акцијата била изведена од „заседа“, а во неа учествувале полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството во содејство со припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
