Во секој од случаите што се најдоа во денешниот полициски билтен е наведено дека жените пред да пријават подолг период биле малтретирани од своите партнери
Полицијата презема мерки против 35-годишник Љ.И. откако неговата 31-годишна сопруга го пријавила дека ја заклучил во тоалетот во семејниот дом на подрачјето на Бит-пазар, по некое време физички ја нападнал, по што ја избркал од дома. Според пријавата, мажот ги заклучил во тоалетот и нивните четири малолетни деца.

„Жената кажала дека и претходно била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
Ова е еден од случаите на семејно насилство што се пријавени во МВР во последните 24 часа.
Во полицискиот билтен е нотиран и случај во кој 27-годишна жена вчера пријавила дека на 1 април годинава нејзиниот сопруг М.Д. (32), со кого биле разделени, упатувал закани кон неа и нејзиниот татко. Според пријавеното, таа и претходно била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција.
Во друг случај, полицијата вчера рано наутро го привела Б.Т. (49) откако претходниот ден неговата 43-годишна сопруга го пријавила дека физички ја нападнал во домот. Според пријавата во МВР, жената и претходно била психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција.
Ноќеска во 1 часот по полноќ во МВР стигнала пријава од 52-годишна жена од Скопје која пријавила дека нејзиниот сопруг З.Д. (52) агресивно се однесувал и се обидел физички да ја нападне. И таа, според пријавеното, подолг период била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала. Два часа по нејзината пријава, околу 3 часот по полноќ, нејзиниот сопруг пријавил дека сопругата му се заканувала во семејниот дом.
