Портпаролката и членка на ИО на СДСМ на прес-конференција пред Јавното обвинителство на РСМ посочи дека правдата во Македонија е целосно погребана, притоа како аргумент наведе и други случаи на обвинители на кои им биле одземени предмети што ги воделе против лица поврзани со актуелната власт, како и случаи на поставување партиски подобни обвинители
Јавната обвинителка Ленче Ристоска, која вчера си поднесе оставка од функцијата, според опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), е елиминирана затоа што на власта ѝ треба обвинител под нејзина контрола.

Ставот на социјалдемократите денеска на прес-конференција пред Јавното обвинителство на РСМ го соопшти портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, која рече дека новиот јавен обвинител Ненад Савески ги исполнува задачите делегирани од премиерот Христијан Мицкоски, а една од нив е „елимирањето“ на Ристоска.
„Ја елиминираше Ленче Ристоска, независен и признат професионалец, која соработуваше и со Еуроџаст и беше принудена да си замине. Претходно ја отфрлија претставката на Ристоска за политички притисок од страна на Мицкоски кој јавно на телевизија ја навредуваше, а потоа и ја исфрли“,
рече Кузеска.
Таа додаде дека и потегот со кој на Ристоска ѝ беа одземени предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ е само уште еден доказ дека новиот обвинител работи по нарачка на Мицкоски за спас на, како што наведе, криминалниот имот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Савески ѝ ги одзеде предметите ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’ за нелегално партиско богатење, незаконски стекнат имот, незаконска бела палата на ВМРО-ОКГ. Класична операција, по нарачка на Мицкоски за спас на криминалниот имот на ВМРО-ОКГ, најбогатата партија во Европа. Ете зошто на власта и требаше обвинител под нејзина контрола, за спас на криминалците во нејзиниот врв“,
изјави портпаролката и членка на ИО на СДСМ.
Кузеска на прес-конференцијата посочи дека правдата во Македонија е целосно погребана, притоа како аргумент наведе други случаи на обвинители на кои им биле одземени предмети кои ги воделе против лица поврзани со актуелната власт, како и случаи на поставување на партиски подобни обвинители.
„Претходно, беше елиминирана и обвинителката која ги уапси вмровските началници, инспектори и полицајци осомничени за трагедијата во Кочани. Беше укината суспензијата на вишиот Јавен обвинител Цветановски кој се откажа од гонењето на началникот Латас. На голема врата се враќаат обвинителите од тефтерчињата на Мијалков. Савески лично ја предложи Јасмина Костеска-Здравеска за шеф на Вишото јавно обвинителство, позната од ‘бомбите’, каде Мијалков и Гордана Јанкулоска, го договараа нејзиниот избор. А нејзиниот сопруг исто така, беше дел од процесот за лустрација на Славко Јаневски“,
рече Кузеска.
Овие случувања, според портпаролката на СДСМ, не се случајни, туку јасно укажуваат дека наместо независно, во земјата има партизирано судство и обвинителство под контрола на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, на оваа тема вчера говореше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за првиот програмски сервис МРТ 1, исто така, споменувајќи серија одлуки и позиции на државниот јавен обвинител, донесени од функцијата што ја врши и во рамките на Советот на јавни обвинители, меѓу кои онаа за одземање предмети од обвинители кои постапувале по предмети во обвинителства од кои не се дел. Во тој контекст, Филипче го искоментира повлекувањето на обвинителката Ленче Ристоска од функцијата, односно нејзината оставка.
„Не можам да сфатам како може обвинителот да извршува така брутално и јавно насоки од премиерот. Нема друго објаснување… Зошто се одземаат предмети од обвинителка која денеска се повлече од обвинителството, една од ретките професионалци, која не ја знам лично, да не ѝ стават партиски печат, немам никаков контакт со обвинителката, за предмети коишто истражуваат незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Па, тоа е најбогатата партија во Европа…Се враќа времето и контекстот на функционирање на судството и обвинителството кога прислушуваа ваши колеги (н.з. кон новинарот). Каква е таа одлука, како се брани, како се објаснува? Не се објаснува. Ова е директен диктат на премиерот“,
рече Филипче.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска вчера поднесе оставка од функцијата, а ваквиот нејзин потег доаѓа како резултат на, како што вели таа, долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и на државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години.
