Она што може да се забележи од статистиката на скопскиот Кривичен суд е дека особено е намален бројот на приговори од правни лица, ако се земе предвид дека во февруари, според информациите од Судот, нивниот број беше 431 приговор. Од друга страна, бројот на приговори кои дошле од физички лица е речиси идентичен, со таа разлика што во февруари имаше два приговори повеќе, односно 45
Минатиот месец значително се намалил бројот на поднесени приговори што граѓани и фирми ги поднесуваат до Основниот кривичен суд Скопје во врска со системот „Безбеден град“, односно со издавањето прекршочни налози за евидентирани сообраќајни прекршоци, информираат од Кривичен.

Имено, граѓаните и правните лица кои не ја прифаќаат одговорноста за сторениот прекршок можат да поднесат приговор до надлежниот суд. Станува збор за поднесени барања за поведување прекршочна постапка од лица на кои им стигнала порака со платен налог дека сториле сообраќаен прекршок, но не сакаат да ја платат во Министерството за внатрешни работи (МВР), затоа што сметаат дека не сториле прекршок или дека има недостатоци во системот.
Во вториот месец од стартот на системот „Безбеден град“, според скопскиот Кривичен суд бројот на приговори е значително намален, а веќе се завршуваат и предметите по претходно поднесените приговори.
Како што информираат од судот, минатиот месец, до него стигнале, односно биле поднесени вкупно 65 приговори, што е значително помалку од 476 приговори кои беа поднесени во февруари, првиот месец од почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“.
Од приговорите, 22 се поднесени од правни лица, а 43 од физички лица.
Она што може да се забележи од статистиката на скопскиот Кривичен суд е дека особено е намален бројот на приговори од правни лица, ако се земе предвид дека во февруари, според информациите од Судот, нивниот број беше 431 приговор. Од друга страна, бројот на приговори кои дошле од физички лица е речиси идентичен, со таа разлика што во февруари имаше два приговори повеќе, односно 45.
Поголемиот број приговори поднесени од правни лица во февруари според појаснувањето што тогаш го дадоа од Кривичен лежеше во предизвикот со возилата кои се дадени на користење со договор за лизинг, како и случаите каде што граѓани продале возила, но не биле одјавени во Министерството за внатрешни работи.
„Дополнително, во текот на месец март од доставените приговори, од кои најголем дел се веќе во фаза на постапување, со пресуда се завршени 92 предмети“,
велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Инаку, како што претходно информираа оттаму, по овие предмети постапуваат 16 судии од Одделот за прекршоци.
„Сите поднесени приговори навремено се заведуваат и согласно одредбите од Законот за прекршоци, во утврдениот рок од 8 дена, се доставуваат до Министерството за внатрешни работи (МВР) за нивно произнесување, што претставува неопходен предуслов за понатамошно постапување“,
додаваат од Кривичен.

Системот „Безбеден град“ почна со функција на 1 февруари, на територијата на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10.
Со тоа и официјално почна санкционирањето на граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“.
Како што информираа од МВР, се детектираат четири типични сообраќајни прекршоци како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера соопштија дека системот „Безбеден град“ изминатиот месец регистрирал вкупно 26 241 сообраќаен прекршок, од кои најголем дел, или 96 отсто биле за пречекорување на дозволената брзина.
Во март, според МВР, биле констатирани 25 230 прекршоци за брзо возење, додека за поминување на црвено светло биле регистрирани, условно кажано, само 70 прекршоци, што е намалување за 68,2 отсто во споредба со февруари.
За управување возило со истечена важност на сообраќајната дозвола биле фатени 941 возач, а биле изречени вкупно 544 мерки за забрана за управување со возило чија бројка е намалена за 16,7 отсто во однос на претходниот месец.
