Ажурирањето на есенцијалната листа на лекови, која е различна од позитивната листа, како што соопшти денеска министерот за здравство, е спроведено по повеќе од 10 години, а како основа е користена листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација
Контрацептивни таблети, како и фластери и никотински гуми за џвакање, кои се користат во рамки на терапиите за одвикнување од пушење, по првпат се ставени на листата на есенцијални лекови со новото ажурирање на списокот кое е направено по повеќе од 10 години.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство Азир Алиу, кој истакна дека ажурирањето на листата овозможува усогласеност со современите клинички стандарди и пристап до нови и ефикасни терапии. Алиу посочи дека како основа е користена листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација (СЗО).
„Со новиот закон за лекови предвидуваме ажурирање на оваа листа на две години, согласно со праксата на СЗО, што дополнително придонесува кон предвидливост и одржливост на системот за обезбедување лекови. Целта е листата на есенцијални лекови да ги одразува современите терапевтски стандарди и новите лекови кои се докажани како клучни за јавното здравје, а воедно да овозможи поголема достапност до современи и терапии“,
истакна Алиу на денешната прес-конференција.
Ажурирањето на листата на лекови, додаде Алиу, е спроведено од крајот на 2025 година во рамки на Националната платформа за лекови под водство на Министерството за здравство, со поддршка на СЗО.
Шефот на канцеларијата на СЗО во земјава, Аким Али, рече дека ревидираната листа е основа за задоволување на потребите на пациентите и на јавното здравство. Овој пат, посочи тој, листата се осврнува не само на лекувањето туку и на превенцијата бидејќи во себе вклучува никотинска заменска терапија и контрацептиви.
Координаторот на работната подгрупа во Национална платформа за лекови, проф. д-р Зоран Стерјев, појасни дека разликата меѓу есенцијалната и позитивната листа на лекови, кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, е што есенцијалната листа содржи препарати што државата мора да ги има обезбедено во секое време иако за некои од нив нема економската исплатливост.
„Поради можноста да се појават одредени заболувања, тие мора да бидат присутни во државата во одредени количини, кои ќе овозможат лекување на таквите заболувања. Есенцијалната листа ги содржи најесенцијалните лекови што се користат во третман на заболувањата. На позитивната листа, покрај есенцијалните лекови, има и други лекови за кои во одреден момент ФЗО има средства да ги покрие и да станат достапни за граѓаните преку Фондот. Многу висок процент од лековите на есенцијалната листа ги има и на позитивната листа“,
рече проф. д-р Стерјев.
