Целта, вели Алиу, е да имаме здравствен систем кој ќе биде транспарентен, ќе нуди здравствени услуги во реално време и здравствен систем во кој ќе имаат доверба сите наши граѓани

Злоупотребата со дополнителното работно време од одредени лекари е административно и треба да се реши, вели министерот за здравство Азир Алиу. Тој посочува дека не се работи за клиничка злоупотреба и оти со споменување имиња на доктори и институции не треба да се прави сензација, која нема да помогне за решавање на проблемот.
Алиу вели дека веќе имал редовни месечни средби со директорите на клиниките, изразувајќи загриженост и од страна на директорите и од Министерството, но и од сите здравствени работници за системот кој е флексибилен и овозможувал дел од вработените во него да можат да злоупотребуваат.
„Веќе знаете, сите се вознемирени кога во фелата во којашто работат има процеси што можат да влијаат негативно или кон нив како експерти поврзани со здравствениот систем или кон довербата кон докторите и кон здравствениот систем. Заедно со експертски тим ќе работиме понатаму и во новиот закон што е веќе на ЕНЕР ставивме дел кој ќе лимитира некои ограничувања кои беа полабави сега ќе бидат поефикасни. Но, од другата страна ќе бидат додефинирани тие процеси којшто не се добро дефинирани“,
рече Алиу.
Целта, вели Алиу, е да имаме здравствен систем кој ќе биде транспарентен, ќе нуди здравствени услуги во реално време и здравствен систем во кој ќе имаат доверба сите наши граѓани.
Во однос на имињата на докторите и клиниките кои правеле злоупотреби со работното време, нагласи дека тоа нема помогне во решавање на проблемот.
„Ние не се плашиме да кажеме пред вас и пред граѓаните дека да, имаме проблем. Цениме дека тоа ни е првиот чекор за решавање на проблемот, соочување со него и добро дефинирање на проблемот. Исто така, не сакаме од прес-конференција да направиме сензации и да спомнуваме имиња на институции или на доктори, тоа нема да влијае за решавање на проблемот“,
додаде Алиу.
Очекува дека процесот ќе заврши административно бидејќи, како што нагласи, побитно е системот да се стабилизира и да креираат јасно дефинирани правила, отколку да излезат и да се интересни за медиумите и граѓаните ден-два и да се влоши системот.
Според него, тоа не е клиничка злоупотреба бидејќи тие се исклучително големи експерти и нивната работа е препознаена и од Комората, и од универзитетите, и од фелата.
„Не се работи за нестручен пристап кон клиничките процеси, туку се работи за административна процедура којашто, за жал, и во законот не е добро дефинирана, значи толку е лабава и ние исто така треба да рефлектираме како Министерството коешто креира и прави закони. Законите мора да бидат добро дефинирани и да не овозможуваат системот да им нуди некаков тип злоупотреба, намерна или ненамерна“,
кажа Алиу.
Напомена дека процесот е отворен и оти прават компарација и административна, од страна на е-здравство и од страна на документите што ги имаат клиниките, како и експерти кои креираат закони и ги анализираат прописите што треба да се адаптираат и кои членови од законот треба да се реформулираат со цел во иднина да нема таков тип организирање на платите во здравствениот систем.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела од собраниската говорница искритикува дел од здравствените работници тврдејќи дека постојат случаи каде што поединци книжат дежурства кои теоретски се невозможни, со цел да стигнат до месечни примања и над 10 000 евра.
„Наоѓаат начин преку еден чуден нов изум или еликсир на континуирана работа, книжејќи си дежурства, да добиваат примања и над 10 000 евра. Има случаи каде луѓе успеале да работат 31 ден во месецот, по 24 часа, без одмор и пауза“,
изјави Мицкоски.
На тоа реагираше лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство Венко Филипче, кој рече дека е мизерно и срамота еден универзитетски професор да кажува дека докторите работат на еликсири.
