Студенти што оствариле доход од краткотрајна работа во Германија, со работа таму во период пократок од 183 дена, од УЈП велат дека се македонски даночни резиденти и имаат обврска да го пријават доходот, да поднесат електронска пресметка најдоцна до 10 во месецот за доходот остварен во претходниот месец. За вака остварениот доход, се наведува во соопштението, од работа во Германија, согласно Законот и меѓународниот договор, данокот се плаќа во Македонија

Никој не е „на удар“, туку станува збор за мерки насочени кон подигање на свеста за законските обврски и обезбедување поддршка за нивно правилно и навремено исполнување, велат од Управата за јавни приходи (УЈП). Реакцијата доаѓа откако изминатите денови студенти што биле на летна работа во Германија се пожалија дека Управата им бара плаќање данок за период од последните пет години.
Според информациите објавени од студентската организација „Студентарија“, студентите биле повикани да поднесат електронска даночна пријава и да ги пријават приходите остварени во странство.
Од УЈП во денешното соопштение велат дека во повеќе наврати потенцирале дека не може да има двојно оданочување на ист доход и дека законите и меѓународните договори прецизно утврдуваат во која држава се плаќа данокот.
Од УЈП велат дека, согласно законските одредби, доход од работа претставува секој доход остварен врз основа на работен однос, вклучително и доход од привремени и повремени ангажмани во странство.
„Владата на Република Македонија има склучено договор со владата на Сојузна Република Германија за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот од доход и данокот на капитал со кој се уредува правото на оданочување меѓу земјите договорнички, како и постапката на одбегнување на двојното оданочување“,
појаснуваат од УЈП.
Додаваат дека физичките лица – студенти што оствариле доход од краткотрајна работа во Германија, со работа таму во период пократок од 183 дена, се македонски даночни резиденти и имаат обврска да го пријават доходот преку системот е-даночни услуги, да поднесат електронска пресметка најдоцна до 10 во месецот за доходот остварен во претходниот месец. За вака остварениот доход, се наведува во соопштението, од работа во Германија, согласно Законот и меѓународниот договор, данокот се плаќа во Македонија.
„Во пресметката задолжително се внесуваат податоци за државата од која е остварен доходот, датумот на прилив, износот и валутата. По одобрување на пресметката од страна на Управата за јавни приходи, даночниот обврзник добива налог за плаќање, а утврдениот данок треба да се плати најдоцна до 15-ти во месецот. Според јавно достапните информации и прашањата доставени до УЈП, данокот кој исплатувачите го задржале и платиле на доходот исплатен на студентите, им е вратен на студентите од страна на Германската даночна администрација. Овој доход (бруто износ) согласно одредбите од Договорот за одбегнување на двојното оданочување со Германија и Законот за данокот на личен доход е предмет на оданочување во Македонија“,
се вели во соопштението на УЈП.
Во однос на оданочувањето на доход остварен во странство, од УЈП велат дека изминатиот период објавиле повеќе појаснувачки материјали, вклучително информации, одговори на најчесто поставувани прашања, видеоупатства и потсетувања за законските рокови.
Од УЈП додаваат дека дополнително во два наврати биле испратени персонализирани известувања до сите граѓани кои во 2025 година оствариле доход од работа во странство со цел тие навремено многу пред истекот на законскиот рок да бидат информирани за обврската за пријавување на остварениот доход. Во оваа категорија, додаваат од УЈП, спаѓаат и студентите кои оствариле доход преку краткотрајна работа во странство.
