Од Владата велат дека станува збор за системски закон, кој носи измени со цел унапредување на ефикасноста, транспарентноста и правната сигурност во граѓанските постапки
На предлог на Министерството за правда, Владата на денешната седница го усвои предлог-законот за парнична постапка со што, како што велат оттаму, се реализира уште една обврска од Развојната стратегија за правосудството 2024-2028. Од Владата посочуваат дека станува збор за системски закон, кој носи суштински измени со цел унапредување на ефикасноста, транспарентноста и правната сигурност во граѓанските постапки.

„Клучните новини во законското решение се обезбедување поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките, унапредување на постапката за вештачење, при што се овозможува судот и по службена должност да изведува вештачење и увид на самото место како доказ, како и воведување електронска достава од двете страни, како значаен чекор кон целосна дигитализација на судските предмети“,
наведуваат од Владата.
Законското решение дополнително предвидува и зголемување на опфатот и забрзување на постапките во споровите од мала вредност, како и намалување на висината на паричните казни за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност. По првпат ќе бидат воведени и претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права, со што се унапредува пристапот до правда за поголеми групи граѓани.
Од Владата посочуваат дека законското решение е резултат на двегодишна работа на експертска група, со вклученост на судството, академската заедница, стопанството и граѓанскиот сектор.
