Одговарајќи на новинарско прашање во врска со промените направени во законот за високото образование, министерката наведе дека е прифатен предлогот за намалување на бројот на трудови за втор и за трет циклус студии, како и дека за општествено-хуманистичките науки релевантна да биде базата „Scopus“, иако не се исклучува „Web of science“
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека се направени прилично многу промени во предлог-законот за високо образование за кои сметале дека се коректно предложени и кои можат да го подобрат текстот на законот.

Предлог-законот за високото образование, како и Законот за наука од вчера повторно се ставени на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), каде засегнатите страни ќе можат да извршат увид во нивната содржина: Од денеска, како што додаде таа, на ЕНЕР треба да биде ставен и предлог-законот за квалитетот во високото образование.
Говорејќи во врска со промените направени во законот за високо образование, таа наведе дека е прифатен предлогот за намалување на бројот на трудови за втор и за трет циклус студии, како и дека за општествено-хуманистичките науки релевантна да биде базата „Scopus“, иако не се исклучува „Web of science“.
„На пример, прифативме намалување на бројот на трудови за втор и трет циклус на студии. Намаливме еден член од Владата, иако не беше неопходно, иако не се согласуваме со тоа дека тоа ја нарушува автономијата во Советот на универзитетите. Дополнително, направивме многу други промени во однос на критериумите. На пример, прифативме за општествено-хуманистичките науки така како што бараа наставниците, да биде релевантна базата ‘Scopus’, не ја исклучивме ‘Web of science’, но тие инсистираа да биде ‘Scopus’. Ќе биде ‘Scopus’“,
рече Јаневска.
Дополнително, како што рече таа, Националниот совет за високото образование ќе изработи друга база на списанија за објавување трудови, што, исто така, ќе се бодира при изборите на наставните кадри на универзитетите во повисоки звања.
„Значи, она што сметавме дека е коректно и дека не е злонамерно, сè е прифатено, и во овој момент наставниците имаат можност тоа да го видат. Исто така, направивме и во Законот за науката и мислам дека денес ќе биде (објавен на ЕНЕР н.з), веројатно малку подоцна, за некој час, и во Законот за квалитет во високото образование. Повторно ќе може сите засегнати страни да го погледнат законот“,
рече министерката, која денеска беше на увид во градежните работи за изградба на нова спортска сала во општината Кисела Вода.
Јаневска додаде дека доколку има некоја драстична забелешка што би ја прифатиле, тоа и ќе го направат, по што законот ќе оди во владина процедура.
Предлог-законот за високо образование, што треба да го замени актуелното законско решение, Јаневска го претстави на 6 февруари годинава. Дел до тогаш објавените новини предизвикаа реакции меѓу академската фела, но и од политичките партии од опозицијата, од кои дел бараа повлекување на новиот закон.
Јаневска во неколку наврати при јавни настапи кажа оти нема намера да го повлече законот, и оти тоа го бара мала група професори на кои, според неа, им е страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите што законот ги бара за напредок во академските звања.
