Еден од клучните моменти за утре да се состави влада во која би била ДУИ внатре, би било одблокирање на евроинтегративниот процес на државата, вели во интервју за „360 степени“ потпретседателот на ДУИ, Аријанит Хоџа. Според него, треба да се премине црвената линија што сега е поставена, алудирајќи на уставните измени што ги бара Бугарија, бидејќи, како што вели, Преговарачката рамка е јасна

Ако се чекаат децении во Бугарија да се сменат политичарите, мислам дека Бугарија не губи ништо. Ако се чекаат децении Македонија да влезе во Европска Унија, мислам дека се губи многу. Ова во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го изјави потпретседателот на ДУИ, Арјанит Хоџа кометирајќи изјава на премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски неодамна рече дека ако Бугарите чекаат децении да се појави премиер како Зоран Заев, и ние ќе чекаме децении да се појават други политичари во Бугарија, додавајќи дека додека е тој премиер нема намера по која било цена да влезе во, како што рече, таква авантура.
Хоџа: Преговарачката рамка е јасна, прецизна, а посебно во геополитичките односи каде што се наоѓа Европа во моментот, а и светот. Мислам дека е неопходно да се најде начин за да се помине преку таа црвена линија што е поставена. И не верувам, не само од неверување и гаранции, туку во преговарачката рамка е предвидено тоа дека во моментот кога ние стануваме членка на Европската Унија, ние сме еднакви и со Бугарија и со сите други држави. Така што, уште еднаш кажувам дека чекањето децении да се смени нешто во Бугарија не им значи ништо на Бугарија и на граѓаните во Бугарија. Ама чекањето децении кај нас да се сменат работите ѝ значи многу на државата и во околности каде што се наоѓаме навистина е разочарувачки. Така што, мислам дека треба да се сфати на поинаков начин оваа порака или оваа слика. И мислам дека тука, тие што пропаднаа во овој дел и што јавно може да се гледа дека направија грешка, се дел од коалицијата ВЛЕН, коишто, кога ја составуваа владата, рекоа дека за шест месеци, доколку нема промена во движење на овој патоказ, тогаш тие ќе го разгледаат своето политичко делување.
360˚: Имаше таму лавирање во изјави – до крај на годината и сл.
Хоџа: Значи во ред, господинот Мицкоски го кажува, премиерот го кажува овој негов став што реално е истиот став што тој го има низ годините. Но, Министерството за европски интеграции е во контрола на ВЛЕН, на првиот вицепремиер и министер.
360˚: Но, тоа Министерство не може уставните измени да ги донесе.
Хоџа: Апсолутно. Но, додека земаш таква одговорност треба на граѓаните и посебно на Албанците да им кажеш што е тоа што вие работите во тоа министерство.
На прашањето што би сменила ДУИ ако е на местото на ВЛЕН во Владата, Хоџа рече дека не би можел јавно да зборува за позициите на ДУИ при, како што рече, преговарачка маса кога би биле дел од Владата.
„Но, една работа можам да ве уверам – дека еден од клучните моменти за тоа утре да се составува влада во која би била ДУИ внатре во таа влада, би било одблокирање на евроинтегративниот процес на државата. Не како став, не е спорно, туку работата е дали може ДУИ сама да донесе промена. Не викам дека може ДУИ сама да го прави тоа, но ставот го кројат партнерите. Моментално во владеачката коалиција немате партнери. Имате газда и имате послушници. Нема партнери. А партнерите ги кројат политиките врз основа на аргументите. И јас сум убеден дека, кога би седнале да се договараат врз основа на аргументи, сликата би била спротивна. А ВЛЕН, уште еднаш, пак, од 2008 до 2016 година немаше ништо, а ДУИ беше внатре во влада. Видете, од 2008 до 2016 со војните што ги гледаме, не постојат и многу држави други. Сега не можеме ние да гледаме историја што било. Јас би зборувал за момент каде сме сега. Од 2006 до 2017 година Македонија не беше дел од НАТО. Сега е дел од НАТО и инаку се прават политиките како партнер во НАТО. Значи некои работи се смениле во таа насока. Но ви зборувам, главната работа каде што се гледа дека не функционира е што во моментот во нашата држава немате коалиција основана врз партнерство и потреба на граѓаните“,
рече Хоџа.
Хоџа рече дека рефлексија на односите меѓу владините коалициски партнери е информацијата дека на состанокот од стратешкиот дијалог меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Македонија што ќе се одржи на 7 април во САД, нема да учествува министер на ВЛЕН.
„Првпат во историјата досега на такви нивоа на состаноци. Е сега, тоа што го зборував досега е рефлексија, односно е огледало на тоа еве што се случува. Јас ви гарантирам дека и оваа работа претставниците на ВЛЕН ја виделе на порталите меѓу информациите. Затоа ви кажувам дека не функционира. Оваа држава функционира врз основа на партнерство и на одржлив развој и односи меѓу заедниците. Ова е пораката, значи ова е пораката кога ВМРО-ДПМНЕ го прави ова на ВЛЕН, кажува дека не го третира како партнер. Му го кажува кај му е местото. Е сега уште колку ќе им треба на ВЛЕН да видат или да се соземат дека навистина се во очајна ситуација, тоа е работа нивна и мислам дека затоа и се плашат од евентуални предвремени избори“,
смета Хоџа.
