На новинарска констатација дека не е вообичаено ДУИ да зборува за увоз на струја, особено од опозиција, Хоџа вели дека кадрите што ги има ДУИ и внатре во партијата и институционално – изградени сите овие години, се поспремни од кои било други бидејќи имаат континуитет во институционалното делување

За ДУИ, темата за предвремени избори не е исчезната, туку динамиките во актуелните политики, кои според нив се погрешни – особено од страна на ВЛЕН, прават на дневно ниво оваа опозициска партија да се занимава со реакции од таков тип. Вака потпретседателот на ДУИ, Арјанит Хоџа, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговари на прашањето зошто кај ДУИ ја снема темата за предвремени избори.
Тој вели дека лично зборувал на темата пред ден-два кога на Фејсбук се осврна и на последната анкета на „Мкд.мк“ и „Маркет Вижн“, според која, ВЛЕН е втора политичка сила, по ВМРО-ДПМНЕ, со поголем рејтинг и од СДСМ и од ДУИ.
Арјанит Хоџа: Ако се зборува за идејата за барање на предвремени, лично јас, значи како потпретседател, пред два дена направив повик после анкетата, фамозната анкета што беше објавена…
„360 степени“: Што мислите Вие за таа анкета? Оти таа покажа огромна предност на ВМРО-ДПМНЕ, практично 5:1 однос и со ВЛЕН и со ДУИ и со СДСМ, но ВЛЕН е втора политичка сила според таа анкета, има поголем рејтинг од ДУИ.
Арјанит Хоџа: Не, видете, без разлика на тоа колку е веродостојна, мислам дека мојот настап тука ќе докаже за тоа колку треба да и се верува, но еве, беше многу конкретен повикот кон ВЛЕН: ако навистина верувате во таа анкета, ајде да го вратиме мандатот на граѓаните и да се договориме пред избори – кој има мнозинство од албанските гласови, тој да биде претставник на Албанците во владата.
Тој вели дека прашањето за предвремени избори е отворено.
„360 Степени“: Според Вас, ќе има ли предвремени избори?
Арјанит Хоџа: Јас мислам дека тој што и мисли добро на државата и тој што мисли дека треба процесите да се одвиваат во подобар ритам и да се вратат во нормала, мора да размисли за предвремени парламентарни избори.
„360 степени“: Премиерот вели „не“. Последната изјава му беше – не, изборите ќе бидат редовни, во 2028 г.
Арјанит Хоџа: Знаеме, динамично е, никој не може да предвиди многу работи во политичката сцена. Но, јас еве кажувам без да прејудицирам… без да знам што би се десило, кажувам што е добро за граѓаните и за државата – дека треба да има предвремени парламентарни избори.
ДУИ на прес-конференции во изминатиот период се осврнува на прашањата за увозот на струја, цените на нафтените деривати и слично, а премиерот Христијан Мицкоски коментираше дека е добро што ДУИ зборува на неетнички теми, но дека енергетика не им е силна страна.
Хоџа беше прашан дали овие пресови на ДУИ се за да му се допаднат на Мицкоски и да се изборат за евентуално идно партнерство.
Арјанит Хоџа: Не, не, апсолутно. Мислам дека сите пресови и сè тоа што е јавно искажано и од претставници на ДУИ, а и од партијата преку соопштенијата, е детектирање на реалните проблеми со кои секојдневно се среќаваат граѓаните. Е сега, јас не знам што очекуваат другите, но кога делуваш опозиционо и кога имаш таква органика на луѓе коишто се присутни скоро во сите сектори, апсолутно дека е и наше право, а мислам дека би било и добро и од страна на владата да слуша како да се направат некои работи различно од тоа што го прават.
„360 степени“: Оти не сме навикнати, особено од опозиција, ДУИ да зборува за увоз на струја.
Арјанит Хоџа: Мислам дека кадрите што ги има ДУИ и внатре во партијата, но и институционално изградени сите овие години, се поспремни од било кои други бидејќи имаат континуитет во институционалното делување.
