Во обраќањето, тој упати остри критики за изјавата на Мицкоски дека е подготвен да чека децении за членство во ЕУ, посочувајќи дека граѓаните не смеат да бидат заложници на политики што носат стагнација, сиромаштија, иселување на младите, криминал и корупција
Ги повика сите политички партии, граѓански организации, интелектуалци да се приклучат, кон, како што рече, борбата за европска Македонија
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека партијата во следниот период ќе ги зајакне активностите, користејќи ги сите расположливи демократски механизми во борбата за европска Македонија.
Според него, со последната изјава на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е јасно што се случува во земјата, односно дека таа се турка во изолација.

Истовремено, најави дека СДСМ ќе се спротивстави на најавите за изолација на земјата и повика на обединување околу европската иднина на земјата.
„СДСМ и коалицијата сме подготвени силно да се спротивставиме и да ја водиме борбата за европска Македонија. Ве повикувам сите да се приклучите. Да се обединиме околу идејата за напредна, европска Македонија, против изолацијата, против криминалот и корупцијата. Да живееме во нормална држава со европски плати и животен стандард. Земја во која младите ќе сакаат да останат. Јас нема да дозволам, СДСМ нема да дозволи да згасне сонот на нашите граѓани за Европа. Напротив, ќе се борам и ќе се бориме уште посилно и уште поодлучно. Борбата допрва почнува. Ќе ја вратиме нашата држава на европскиот колосек. Како што ја внесовме во НАТО, така ќе ја внесеме Македонија и во Европска Унија“,
рече тој.
Посочи дека борбата за европска Македонија значи дека ќе ги користат на сите демократски механизми, како ширење на европската идеја, ќе укажуваме што тоа значи, ќе ја разобличуваат криминалната власт.
„Европа за нас значи просперитет и развој. Не е можно земјата да се промени и да напредува без Европската Унија. Тоа значи пристап и до огромни фондови, кои ќе ни овозможат развој и на здравството и на образованието, инфраструктурата. Без Европа, ние ќе бидеме на маргините, слепо црево на Балканот. Ќе бидеме изложени на туѓи влијанија, како на руско влијание, на земја агресор. Ќе бидеме изложени и на други неевропски влијанија. Какви притисоци внатрешни ќе се случат кога Црна Гора и Албанија ќе влезат во ЕУ е дополнително прашање“,
вели Филипче.
Ги повика сите политички партии, граѓански организации, интелектуалци да се приклучат кон, како што рече, борбата за европска Македонија.
„Само заедно можеме да успееме. Знаеме дека ВМРО и понатаму ќе нè дели, ќе наоѓа поединци во СДСМ преку кои ќе симулира некоја поделба во партијата. Тоа нема да го дозволиме оти цената е иднината на државата“,
кажа лидерот на опозициската СДСМ.
Во обраќањето, тој упати остри критики за изјавата на Мицкоски дека е подготвен да чека децении за членство во ЕУ, посочувајќи дека граѓаните не смеат да бидат заложници на политики што носат стагнација, сиромаштија, иселување на младите, криминал и корупција.
„Го слушнавте Христијан Мицкоски. Подготвен бил да чека со децении за влез на Македонија во ЕУ. Да потроши децении од вашите животи, од животите на вашите деца, внуци, на идните македонски генерации. После ова признание на Мицкоски, на сите ни е јасно што во државата се случува“,
вели тој.
Посочи дека ваквите политики на власта значат директна закана за иднината на државата.
„Со Мицкоски и неговата Организирана криминална група нема членство во Европската Унија. Значи, децении загарантирана сиромаштија, загубени генерации поради засилено иселување на младите, карта во еден правец за македонската младост. Децении криминал и корупција без никаква контрола. Бизнисменот Мицкоски може да чека, ама напатениот народ, со ниски плати и високи цени, не можат, не смеат и нема да чекаат. За спас многу наши граѓани ќе бидат принудени, како што тоа веќе го прават, да вадат бугарски пасоши. Ќе останеме и без држава и без народ“,
кажа лидерот на СДСМ.
Според него, се потврдило тоа што во изминатиот период го предупредувале – дека Мицкоски ја турка земјата во изолација и работи за странски интереси, преку српски, унгарски и руски влијанија.
„Мицкоски е прокси руски играч. ВМРО организирана криминална група, пак, е тројански коњ на поделбите на македонското национално ткиво“,
рече тој.
Филипче посочи дека со партијата на власт се предадени националните интереси и стратешката определба на земјата да биде рамноправен дел со обединетите народи на Европа.
„За македонскиот народ, членството во ЕУ значи интеграција како Македонци кои говорат македонски јазик, рамноправни во големото европско семејство“,
вели тој.
Смета дека државата нема децении за губење оти тоа е прашање за нејзината европска иднина.
„Оваа земја не е создадена за да чека и да стои во место, туку да оди напред, да биде слободна, демократска и европска“,
рече Филипче.
Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарско прашање за европскиот пат на Македонија, рече оти актуелната влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес.
Воедно, тој упати и критика за начинот на кој претходната влада ја водела надворешната политика прифаќајќи го условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот на земјава.
Мицкоски потврди дека нема да прифати процеси кои директно удираат врз македонскиот идентитет, а притоа не нудат предвидливост за државата.
Предупреди дека доколку Брисел инсистира на промена на Уставот како единствен услов игнорирајќи ги одличните резултати во сите други сфери, тогаш Владата нема да биде добар соговорник во тој процес без да бидат дефинирани другите детали.
