Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера рече дека партијата ЗНАМ, која ја нарече предавничко движење, постепено се распаѓа. Тој додаде дека се водат разговори со повеќе пратеници што ќе ја зголемат нивната пратеничка група, но не сакаше да шпекулира со имиња
Денеска со реакција се јавија и од движењето ЗНАМ од каде што ги демантираат наводите дека имало иницијатива за преминување на пратеници од една во друга пратеничка група

Коалицијата со движењето ЗНАМ не се распаѓа, тврди премиерот Христијан Мицкоски. Неговата изјава доаѓа откако вчера лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, рече дека владината коалиција е нестабилна и дека движењето ЗНАМ постепено се распаѓа.
Мицкоски денеска, во одговор на новинарско прашање, изјавите на Филипче рече дека треба да се стават во рубриката хумор и сатира, а не во политиката.
„Понекогаш во поинаква рубрика треба да се коментираат неговите изјави, а не во политичката рубрика. Имаше порано хумор и сатира, можеби таму е вистинското место за тие изјави. Апсолутно, не“,
рече Мицкоски за вчерашните тврдења на лидерот на СДСМ.
Денеска со реакција се јави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, кој ги демантира наводите дека имало иницијатива за преминување на пратеници од една во друга пратеничка група.
Тој додава дека партијата не размислува во правец да исклучува или санкционира свои членови, туку, напротив вели дека го шират и зголемуваат членството на ЗНАМ.
„Право е на секој функционер да го искаже своето мислење на одредени теми кои се во рамки на интересите на граѓаните од кои го црпиме мандатот. Сепак, сите членови, пратеници и јавни функционери треба да ги почитуваат и да дејствуваат согласно основните програмски постулати на ЗНАМ, кои се темелат на принципите на Илинден и АСНОМ, а кои се и составен дел на Платформата за националните црвени линии за македонско национално единство, која ја усвои ЗНАМ и беше доставена во Собранието на Република Македонија“,
вели Мемов во објава на фејсбук-страницата на движењето ЗНАМ.
Филипче, вчера изнесе тврдење дека партијата ЗНАМ, за која рече дека е предавничко движење, постепено се распаѓа.
„Очигледно е дека партијата ЗНАМ, коешто е предавничко движење, луѓе коишто ја предадоа партијата за свои сопствени финансиски интереси, неколку луѓе на врвот на партијата, и се подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ во овие антинародни и спротивно на националните интереси политики, постепено се распаѓа“,
рече вчера Филипче.
Филипче не сакаше да шпекулира со имиња на пратеници што ќе ја зголемат нивната пратеничка група, но додаде дека разговори се водат со повеќе луѓе.
Тој посочи дека граѓаните веќе ја препознаваат вистината и дека се чувствуваат изневерени и затоа рече дека вратите на партијата се отворени за сите.
„Затоа на тие луѓе сега им е отворена вратата, не само сега, туку и во изминатиот период и ќе биде и понатаму, да знаат дека ова им е матичната партија којашто никогаш не отстапила од главните идеолошки вредносни политики коишто се тука градени и имплементирани со децении“,
кажа Филипче.
СДСМ изминатите денови, повикувајќи се на анкета за која рекоа дека власта не сака да ја објави, рекоа дека има историски пад на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и веќе целосно непостоење на движењето ЗНАМ.
Оттаму посочија дека она што најмногу ги поврзува ЗНАМ, која е дел од владејачката коалиција, и ВМРО-ДПМНЕ е лагата оти премиерот Христијан Мицкоски ги излажал своите гласачи за името, а Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ, дека се независни и дека ќе бидат коректив на власта.
Инаку, пред десетина дена пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, кој е дел од владејачкото мнозинство, во интевју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 не сакаше конкретно да одговори дали останува дел од пратеничката група на ЗНАМ.
Дилемата се отвори откако тој во Собранието имаше дискусија и гласаше во прилог на предлог-законот за минимална плата од 600 евра предложен од опозицискиот СДСМ.
Цеков на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика рече дека ќе го поддржи овој предлог-закон, и го искажа својот став велејќи дека целосно е свесен во каква состојба се наоѓаат граѓаните што примаат минимална плата и затоа верува дека сите ќе се согласат дека тие не се само ставка во табела туку во сурова реалност.
