Реконструкцијата за овој аеродром почна денеска, а проектот ќе обезбеди 4 500 метри квадратни функционален простор, поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и Царинската управа

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави видео како ќе изгледа Охридскиот аеродром по неговата реконструкција и проширување.
„Денес е историски ден, за прв пат откако е изграден Охридскиот аеродром се прави сериозна инвестиција за негово проширување и модернизација. Продолжуваме да ја градиме Македонија“,
напиша Николоски.
Реконструкцијата за овој аеродром почна денеска, а проектот ќе обезбеди 4 500 метри квадратни функционален простор, поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и Царинската управа.
Во видеото се нагласува дека со реконструкцијата ќе се прошири капацитетот на шалтерите за регистрација од шест на осум, а ќе се зголеми и просторот натерминалот за околу 30 до 40 отсто.
Проширување ќе има и во делот за пасошка контрола. Николоски вели дека на приземјето делот ќе се зголеми за 190 квадратни метри, а делот за пристигнување на патници се зголемува за дополнителни 150 квадратни метри. За 235 квадартни метри проширување ќе има и кај гејтовите кои ќе имаат подобрени услови и ќе бидат енергетски ефикасни.
Во проектот предвидено е и доградба на административниот објект кој функционално ќе се поврзе со постојната зграда преку коридор.
Со ова решение, како што се наведува во видеото од Николоски, се обезбедува јасна функционална поделба, контролирано движење, усогласеност со безбедносни стандарди и подобрени услови за работа.
Според проектот, објектот ќе биде поделен на три целини – зони за полиција, за обезбедување и царина и делот на кујна и кантина.
Николоски појасни дека новите 4 500 квадратни метри значат дополнителни 2 500 квадрати во однос на постојниот простор. Иако првичните најави се дека градежните работи треба да завршат до крајот на мај, Николоски изрази надеж дека во јули ќе се одржи свеченото отворање.
Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, во текот на градежните активности функционалното работење на аеродромот нема да биде нарушено и дека летовите ќе се одвиваат тековно.
