Во Охрид, возач управувал возило во тешка алкохолизирана состојба со измерени 1,75 промили алкохол во крвта и предизвикал сообраќајна несреќа
Министерството за внатрешни работи информираше дека во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода шест лица поради безобѕирно управување со моторно возило, а половина од приведените возачи воопшто не поседувале возачка дозвола.

Според информациите од МВР, едно лице во Гевгелија било фатено како управува мотоцикл без соодветен документ. Идентичен прекршок, но со патнички возила, бил констатиран кај уште две лица, едното во општина Чашка, а другото на територијата на Град Скопје. Уште три лица биле санкционирани поради возење под дејство на алкохол и тоа во Скопје, Битола и Охрид.
Во Охрид, возач управувал возило во тешка алкохолизирана состојба со измерени 1,75 промили алкохол во крвта и предизвикал сообраќајна несреќа.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“,
велат од МВР.
