Од СДСМ алармираат оти пациентите со рак се оставени на цедило без неопходните терапии „фезго“, „палбоциклиб“ и „рибоциклиб“, додека владата приоритет им дава на бизнис-интересите и склучува договори со фирми со само двајца вработени
Членката на извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, на денешната прес-конференција пред партиското седиште излезе со низа жестоки критики кон Владата и Министерството за здравство обвинувајќи за скандалозен недостиг на клучни лекови на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Според неа, пациентите кои се борат со рак веќе две недели живеат во страв, неизвесност и агонија бидејќи не можат да го продолжат својот третман.

Таа вели оти во моментов недостигаат основните онколошки терапии како што се „фезго“, „палбоциклиб“ и „рибоциклиб“, како и други неопходни лекови, оценувајќи ја ваквата состојба како нечовечка и недозволива.
„Неизвесност, страв и агонија за луѓето кои секој ден се борат за својот живот. Тоа е денеска реалноста со криминалната власт на ВМРО-ОКГ. Граѓаните, болните, се оставени на милост и немилост. Владата нема пари за лекови, има пари само за криминални тендери“,
рече Младеновска.
Според Младеновска, во меѓувреме се склучени 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, како и договори тешки 9 милиони евра за компанија со само двајца вработени, а посочува и на тендер од 1,2 милиони евра во Пошта за фирма која, според неа, е блиска до владиниот коалициски партнер ЗНАМ.
„Дали здравјето на пациентите е условено од тоа кога ќе се распише нов тендер за набавка на лекови? Ова е нечовечко. Ова е недозволиво. Здравството е во тотален хаос, проблеми има насекаде. Владата ги напаѓа и ги омаловажува докторите, одбива да им ги покачи платите, а не може да обезбеди ниту основна терапија со лекови“,
кажа таа.
Директна вина за ваквата состојба опозицијата лоцира и кај првиот човек на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочувајќи дека недостигот на терапии се случува пречесто откако тој раководи со институцијата и откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а како што кажа, секој изгубен ден без терапија може да значи фатално влошување за пациентите, поради што партијата официјално бара итна истрага за причините за недостигот на лекови и лоцирање на одговорноста кај сите инволвирани институции.
