Според Манасиевски, програмата што ја презентира Филипче е подготвена по насока на Башановиќ и Шчекиќ, кои според него, очигледно не се запознаени со фактот дека СДСМ биле на власт седум години, од кои пет години токму Филипче бил министер за здравство

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска упати критики кон програмата што лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја презентираше вчера нарекувајќи ја „празен концепт“.
Според Манасиевски, програмата што ја презентира Филипче е подготвена по насока на Башановиќ и Шчекиќ, кои според него, очигледно не се запознаени со фактот дека СДСМ биле на власт седум години, од кои пет години токму Филипче бил министер за здравство.
Како една од најспорните точки во програмата на опозицијата, Манасиевски ја издвои мерката за скратена работна недела. Тој обвини дека оваа идеја е инспирирана од работната навика на поранешниот премиер Зоран Заев.
„Башановиќ, Шчекиќ и Филипче, веројатно по насока на Заев ја спремиле мерката за скратена работна недела, по принципот на Зоран Заев, бидејќи тој како премиер во недела не работеше. И сабота не работеше. И петок. Додуша тој цела недела не работеше како премиер“,
рече Манасиевски на прес-конференција.
Од владејачката партија порачаа дека по периодот на, како што велат, „уништување на државата“, на Македонија и се потребни труд, посветеност и реални проекти за граѓаните, а не празни флоскули.
Манасиевски додаде дека поради ваквиот пристап на раководството, од СДСМ почнале сите да бегаат, оставајќи ги во партијата само „лојалистите на Заев“.
