Според СДСМ, одлуката на Савески да ја предложи Јасмина Костеска-Здравеска за шеф на Вишото јавно обвинителство е потврда дека институциите се враќаат под партиска контрола, по примерот на минатото

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција пред Јавното обвинителство обвини за скандал на самиот почеток од мандатот на новиот јавен обвинител, Ненад Савески.
Според СДСМ, одлуката на Савески да ја предложи Јасмина Костеска-Здравеска за шеф на Вишото јавно обвинителство е потврда дека институциите се враќаат под партиска контрола, по примерот на минатото.
Димитријевиќ рече дека името на Костеска-Здравеска фигурира во разговорите во „бомбите“ во комуникација меѓу Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, каде таа била квалификувана како „нивна“, а нејзиниот сопруг бил дел од процесот за лустрација на Славко Јаневски.
„Еве вака почнува мандатот на новиот обвинител – по теркот на Никола Груевски, со договорени судии и обвинители од ‘тевтерчето’ кое граѓаните добро го паметат. Дали оваа одлука е самостојна на Савески или е уште задача дадена од Христијан Мицкоски?“,
запраша Димитријевиќ.
Од опозициската партија посочуваат на неколку веќе видени ситуации, кои според нив, ја враќаат земјата во 2016 година – Мицкоски од собраниска говорница му дели задачи на јавниот обвинител, советници на власта и сопруги на функционери на ВМРО се избираат за суди, се води кампања против СЈО за рушење на пресудите и враќање на Никола Груевски, се подготвуваат нови кампањи преку Боки 13 и Катица Јанева, со веќе видени сценарија и се спроведуваат црни кампањи и јавен линч против опозицијата.
„Духот на Сашо Мијалков и Никола Груевски не само што е присутен – тој повторно живее во институциите. Но, граѓаните веќе еднаш го победија тој систем. Ќе го победат повторно“,
рече Димитријевиќ.
Инаку, Советот на јавни обвинители (СЈОРМ) на вчерашната. седница не донесе одлука за избор на нов шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, бидејќи ниту еден од петтемина пријавени кандидати не го доби потребното мнозинство.
На седницата Советот ги разгледа кандидатурите на Фатиме Фетаи, Владимир Милошевски, Артај Ајро и Јасмина Костеска-Здравеска. Не се разгледа кандидатурата на петтиот кандидат Александар Марковски оти веќе е избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
