Првата точка е „Дом за сите“, со која се планира промена на станбената политика од една страна, и развојната политика, од друга страна. Се предвидува првиот дом да биде без данок, данокот на промет да се укине до 35 години за младите да може да го купат својот прв дом
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со медиумите ја презентира новата предлог-програма од која, како што посочи, треба да произлезе новата програма на партијата во следниот период.

Тој истакна дека финалната верзија на програмата ќе треба да произлезе преку инклузивен процес и широка дебата со членството, граѓаните и експертите, а ќе биде презентирана и усвоена на програмскиот конгрес на СДСМ, кој ќе се одржи на 7 јуни.
Предлог-програмата на СДСМ содржи над 20 точки, со која се адресираат и повеќе категории граѓани, кои, според Филипче, со оглед на новиот начин и современите текови на живот, се маргинализирани во општеството.
Првата точка е „Дом за сите“, со која се планира промена на станбената политика од една страна, и развојната политика од друга страна. Се предвидува првиот дом да биде без данок, данокот на промет да се укине до 35 години за да може младите да го купат својот прв дом.
„Македонските градови се празни, тие се без луѓе, има сè повеќе станови, а сè помалку домови. Просторот е за живеење, домот треба да е спокоен. Решението е во целосна промена на парадигмата преку интеграција на станбената политика, од една страна, и развојната политика, од друга. Нашите предлог-чекори се прв дом без данок – целосно се укинува данокот на промет на сите до 35 години кои купуваат свој прв дом. Понатаму, покрив над главата со 1%, зелени и модерни згради, итен фонд за покриви и фасади и клуч на рака за млади, како и праведни даноци“,
рече Филипче.
Друга точка од програмата е „Праведни даноци“, со што се предвидува поевтина храна и оданочување на луксузот. „Енергетска автономија“ е третата точка, со која се предвидува енергетски суверенитет, зелена правда, како и ставање крај на партиските фирми.
Тој како следни точки од програмата ги наведе: „Паметна индустријализација, силна економија“, „Плати, пензии, правда“, „Соживот без уцени“, „Македонски идентитет, потврден и траен“, „Македонски мултилатерализам“, „Челична безбедност, национален спокој“.
Меѓу точките од програмата тој ги наведе и „Нула корупција“, како и точки што ќе ги опфатат, како што рече, младите, работниците, пензионерите, посочувајќи оти тие не нудат само бројки, туку и нов социјален договор.
„Нула корупција преку европско обвинителство. Правдата во Македонија е заробена од корумпираните центри на моќ, кои преку системска ерозија на институциите го приватизираат јавното добро. Наместо владеење на правото, на сцена имаме институционална несигурност, која ги дестимулира стратешките инвестиции и создава економски амбиент со висок ризик“,
рече тој.
Според него, визијата на СДСМ е премин од пасивна контрола кон автоматизиран интегритет, каде што дигиталните протоколи го оневозможуваат дискреционото право како извор на мито.
„Со врзување на напредокот во преговорите со ЕУ со реална испорака на правдата, создаваме систем, кој ја наградува чесноста, а ја дигитализира одговорноста. Оттука, фронт со Европското обвинителство за нула корупција“,
рече тој додавајќи дека програмата предвидува оперативен фронт со Европското обвинителство, предвремено затворање на „фундаментите“, паметни протоколи во администрацијата, алгоритамска проверка на тековите на капитал и институционален гарант за интегритет.
Во однос на социјалата, Филипче истакна дека економијата е за луѓето, не за газдите, и затоа СДСМ не нуди само бројки, туку сосема нов социјален договор.
Мерката, според него, предвидува пораст на платите на работниците и 50 отсто поголеми пензии.
„Ако профитот на фирмата расте, мора да расте и платата на работникот. Државата веќе нема да биде само нем набљудувач, туку партнер што ги наградува фер компаниите, а ги казнува оние што профитираат на туѓа мака. Државата го намалува својот даночен дел на фирмите што ги качуваат платите. Наместо во буџетот, парите завршуваат директно кај работникот“,
рече тој.
Тој посочи дека програмата предвидува пензиите да бидат во чекор со поскапувањето на храната или да пораснат платите истакнувајќи дека гарантираат 50 отсто раст на сите пензии по само еден мандат.
Филипче се осврна и на поскапувањата на цените на храната истакнувајќи дека за само три месеци растот на цените се зголемил за речиси 2 500 денари месечно, според официјалните податоци на Сојузот на синдикатите.
„Вредноста на минималната синдикална кошничка изнесува 68 000 денари. Со овие цени, и премиерот и Владата, мора да знаат, но очигледно немаат контакт со реалноста, дека не може да се преживее. Недоволни се мерките што ги предложија за намалување на ДДВ на горивата. И затоа, откако одбија да се зголеми минималната плата на 600 евра, во услови кога и таа е сега недоволна, мора да се прифатат нашите мерки – не само намалување на ДДВ на горивата од 18 на 5 проценти, намалување од 5 на 0 проценти на ДДВ на основните прехранбени производи, преполовување на патарините и намалување на акцизите за 4 денари за литар гориво затоа што само така граѓаните ќе почувствуваат вистинско намалување на цените на горивата“,
рече тој.
Лидерот на СДСМ оцени дека Владата задоцнила и не почнала навреме и оти со мерките што ги предложила ништо нема да се смени. Според него, загрижувачки е и падот на индустриското производство во јануари 2026 споредбено со јануари 2025 за 6,6 проценти, како и падот на странските инвестиции.
