Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат многу слични карактеристики, а дека она што најмногу ги поврзува е лагата
Историски пад на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и веќе целосно непостоење на движењето ЗНАМ, покажуваат резултатите од анкетата што владејачката партија не сака да ги објави, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).
Оттаму посочија дека она што најмногу ги поврзува ЗНАМ, која е дел од владејачката коалиција, и ВМРО-ДПМНЕ е лагата оти премиерот Христијан Мицкоски ги излажал своите гласачи за името, а Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ, дека се независни и дека ќе бидат коректив на власта.

„Тие се тендер-коалиција, и едните и другите сакаат тендери. Ниту Максо ниту Мицкоски не работат за плата. И едниот и другиот имаат ист газда. Нема политика, туку само работат за приватен бизнис“,
се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, едниот ја издаде партијата, а другиот државата.
„Двајцата удираат врз СДСМ, Максо преку Српска лига, а ВМРО преку ‘Платформа‘. Имаат свои играчи, едниот Богдановиќ, другиот Шилегов. Народот сè гледа, лагите не поминуваат“,
додаваат од опозициската партија.
Ова на денешната прес-конференција го потврди и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, посочувајќи дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ имаат многу слични карактеристики.
„И двајцата ме напаѓаат мене и СДСМ“,
кажа тој.
Откако пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, гласаше во прилог на предлог-законот за минимална плата од 600 евра предложен од опозицискиот СДСМ, тој во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 не сакаше конкретно да одговори дали останува дел од пратеничката група на ЗНАМ.
„Во моментов не можам да одговорам на ова прашање затоа што сметам дека за мене приоритет е да работам во интерес на граѓаните и да носам законски решенија што ќе бидат од полза за нив“,
рече Цеков.
