Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, вели дека станува збор за голема група граѓани кои не се опфатени со здравствена заштита – фриленсери, хонорарци, лица со договор на дело, слободни уметници и невработени кои поради постоењето праг на приходи остануваат без здравствено осигурување
Опозициската Левица најави дека до Собранието ќе поднесе предлог-измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување кои, според партијата, ќе значат адресирање долгогодишен системски проблем – исклучување на десетици илјади граѓани од здравствената заштита.

Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, вели дека станува збор за голема група граѓани кои не се опфатени со здравствена заштита – фриленсери, хонорарци, лица со договор на дело, слободни уметници и невработени кои поради постоењето праг на приходи остануваат без здравствено осигурување.
„Ако сте невработен и вашиот брачен партнер има примања над мизерниот праг од 24 000 денари месечно, вие повторно нема да имате здравствено осигурување. Дури и ако човек изгуби работа и ја продаде својата кола за да обезбеди сигурност за семејството, ќе го изгуби здравственото осигурување. Значи, наместо државата да ве заштити кога сте најранливи, таа се однесува како предатор“,
рече Мециновиќ на денешната прес-конференција.
Од Левица посочуваат дека постојат ситуации во кои обичните граѓани плаќаат околу 33 проценти давачки на своите приходи, додека оние со, како што ги нарекоа, милионски заработки, плаќаат само до одреден праг од околу 1,1 милион денари годишно, а над тоа не плаќаат ништо.
„Имаме случаи каде што луѓе пријавиле 19 милиони денари приходи, а платиле давачки само до тој праг. Зошто тие се привилегирани, а сите други плаќаат? Со овие измени ќе се направи рез на ваквата дискриминаторска политика, ќе го избришеме прагот за здравствено осигурување и ќе обезбедиме фер систем на давачки“,
велат од Левица.
