Во објава на Фејсбук, која тој ја адресира лично до премиерот Христијан Мицкоски, новинарот Невриј Адеми вели дека обвинувањата кон него се обид да се одвлече вниманието од суштинскиот проблем. Додава дека како новинар и граѓанин на оваа држава побарал легитимно право – почитување на неговиот мајчин јазик
Новинарот Невриј Адеми ги отфрли како невистинити обвинувањата дека со заканувачки или навредлив тон ѝ се обратил на министерката за образование и наука Весна Јаневска кога пред неколку дена на настан во Тетово ѝ се обрати со зборовите „Ти кажавме кога ќе доаѓаш во Тетово да земеш преведувач“.

Во објава на Фејсбук, која тој ја адресира лично до премиерот Христијан Мицкоски, Адеми вели дека обвинувањата кон него се обид да се одвлече вниманието од суштинскиот проблем. Додава дека како новинар и граѓанин на оваа држава побарал легитимно право – почитување на неговиот мајчин јазик.
„Неприфатливо е јавна функција, избрана со гласови и платена од даноците на граѓаните, да ја избегнува одговорноста да комуницира на јазикот на секој граѓанин на оваа земја. Моето барање е едноставно и фер: почитување на мојот мајчин јазик – албанскиот. Наместо да одговорат на ова елементарно барање, тие се обидуваат да ме етикетираат и дискредитираат. Ова не е само неправедно, туку е и јасен показател за недостатокот на волја за еднаквост и институционално почитување“,
пишува Адеми во објавата на Фејсбук.
Тој додава дека нема да замолчи пред неправдата и да се повлече од своето барање за еднакви права. На крајот од објавата, обраќајќи му се на премиерот, Адеми пишува:
„Драг премиере, станувате причина за бројни закани од македонски граѓани што ги добивам преку СМС-пораки. Затоа, одговорноста паѓа на вас.“
Во засебна објава на Фејсбук, Адеми ја прокоментира и реакцијата на Советот на честа при ЗНМ, која оцени дека во конкретниот случај, начинот на комуникација и тонот на обраќање на новинарот не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс.
„Категорично ги отфрлам тврдењата дека мојата комуникација била несоодветна или дека сум користел агресивен тон. Моите прашања беа поставени во рамките на новинарската професија, со цел да се добијат одговори во јавен интерес, без никаква намера да се навреди или повреди достоинството на присутните“,
вели Адеми, изразувајќи незадоволство од реакцијата на Советот на честа при ЗНМ.
Вели дека е подготвен да го разјасни својот став во кој било формат што Советот при ЗНМ го смета за соодветен.
