„Во моментот кога ќе бидам известен, и вие и јавноста ќе бидете известени околу секакви промени на пратеничките групи во Собранието“, изјави собранискиот спикер одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите кои дојдоа од пратеникот Зијадин Села
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека сè уште не добил известување од пратеникот Зијадин Села дека во иднина во законодавниот дом ќе настапува под името на нова партија.

Гаши во изјава по денешниот брифинг со новинарите рече дека штом биде известен за евентуални промени во дејствувањето на пратениците, во смисла на нивната партиска припадност за тоа ќе ги инфoрмира останатите пратеници и јавноста.
„Не сум известен сè уште. Во моментот кога секој пратеник, пратеничка група или група пратеници кои не се организирани во пратеничка група се изјаснуваат поинаку, го информираат претседателот на Собранието, јас ги информирам сите пратеници и јавноста, така што во моментот кога ќе бидам известен, ќе бидете и вие и јавноста известени околу секакви промени на пратеничките групи во Собранието“,
изјави собранискиот спикер, одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите кои дојдоа од пратеникот Зијадин Села.
Села, ако се погледне веб-страницата на Собранието, сè уште се води како пратеник од Алијанса за Албанците или – како што вообичаено се означува во јавниот дискурс – едно од крилата на оваа партија, по расколот со Арбен Таравари во февруари 2024 година.
Деновиве тој најави формирање нова политичка партија, која ќе се вика Албански сојуз и чии членови, како што рече, имаат идеали со кои ќе градат еден силен политички субјект.
Според изјавата на Села, дадена во интервју за весникот „Лајм“, новата партија е веќе формирана и претставува продолжение на идејата и каузата на Алијанса за Албанците.
Одлуката за формирање нов субјект следи по пресудата на Основниот суд во Тетово од 18 март, со која печатите на Алијанса за Албанците му припаднаа на крилото на Арбен Таравари.
„Не мислиме дека решението е оставка и предавање. Не оставам на случајност, ја создадов таа нова политичка партија. Веќе е формирана и се вика Албански сојуз, има црвено-црни бои и нема да се откажеме од оваа работа. Идејата на Алијансата за Албанците и нејзината кауза имаат свое продолжение“,
вели Села во интервјуто за весникот на албански јазик „Лајм“.

По расколот со Таравари, пред парламентарните и претседателските избори во 2024 година, крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села беше дел од коалицијата „Европскиот фронт“, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), која потоа се преименува во „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Во декември минатата година, на состанокот на претседателството на партијата, крилото на Села одлучи да ја напушти коалицијата НАИ, а нејзините пратеници во Собранието да дејствуваат како независна група.
Минатата недела, како што велат од крилото на Села, Основниот суд во Тетово донел одлука која е политичка и за која сметаат дека е обид за атентат врз албанска политичка партија која „со години беше главен фактор на политичката сцена во земјата и моќен бранител на албанската национална кауза“.
