„Ова е наша прва награда во САД, а се надевам дека до крајот на фестивалската кариера на филмот ќе имаме уште убави новости за споделување“, вели режисерот на анимираниот филм, Гоце Цветановски
Првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон против галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски ја освои наградата за најдобар анимиран филм на Фестивалот за научно-фантастични филмови во Мајами (MiSciFi), соопшти од продукцијата на филмот.

„Се работи за еден од најзначајните жанровски фестивали во Соединетите Американски Држави (САД) посветени на научната фантастика, фантазијата и хоророт“,
се наведува во соопштението.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, и освои седум награди. Покрај кино-продукцијата во Македонија, филмот беше прикажан и во кината во Бугарија и во Унгарија, а од продукцијата најавуваат дека во наредниот период се очекува негова дистрибуција и во други земји.

Режисерот Цветановски изјави дека ова признание има посебно значење за екипата.
„Многу сум радосен што во последниве години македонскиот филм бележи значајни успеси и се позиционира сè поцврсто на меѓународната сцена. Ова е наша прва награда во САД, а се надевам дека до крајот на фестивалската кариера на филмот ќе имаме уште убави новости за споделување“,
вели тој.

Уметнички директор на филмот е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
