Од ДУИ бараат Обвинителството да потврди дали лицето со иницијали Б.Х. е вклучено во овој случај и кој е неговиот статус, транспарентно да се објави вклученоста на сите лица во постапката и да се гарантира дека истрагата се спроведува без влијанија и без селективност

Последниот случај на полициска интервенција за сомнежи за фалсификување документи и манипулации со јавни тендери во Чаир бара целосно разјаснување и јасна одговорност. Фактот дека раководител на јавна установа за деца (градинка) е вклучен во оваа постапка сам по себе е загрижувачки и отвора сериозни прашања за функционирањето на институциите на локално ниво, реагираат денеска од ДУИ.
„Според медиумските извештаи и објавените информации, во овој случај како клучна фигура се споменува и лицето со иницијали Б.Х., познат како близок соработник на градоначалникот на Општина Чаир, како и функционер во една јавна универзитетска институција. Доколку овие информации се точни, тогаш станува збор за прашање што ја надминува индивидуалната одговорност и директно ја засега политичката одговорност. Во тој контекст, градоначалникот на Општина Чаир треба јавно да разјасни: Каква е неговата релација со лицето со иницијали Б.Х.? Дали имал каква било улога или влијание во постапките што се водат?“,
велат од ДУИ.
Оттаму бараат Обвинителството да потврди дали лицето со иницијали Б.Х. е вклучено во овој случај и кој е неговиот статус, транспарентно да се објави вклученоста на сите лица во постапката и да се гарантира дека истрагата се спроведува без влијанија и без селективност.
„Воедно, јавно поставуваме и неколку прашања до институциите на редот и правдата: Како е можно во почетната фаза на акцијата да се споменуваат повеќе лица, вклучително и Б.Х., а во подоцнежните официјални комуникации тоа име да не фигурира? Дали МВР потврдува дека лицето со иницијали Б.Х. било предмет на полициски дејствија – претрес, приведување или распит? Доколку да, зошто тој факт не е одразен во официјалниот извештај? Како институциите ја објаснуваат неусогласеноста меѓу сведоштвата од терен и финалната верзија што е објавена? Дали може да се гарантира дека во овој случај нема селективен пристап? Институциите на правдата имаат обврска да постапуваат со целосна транспарентност и еднаков третман за сите. Секое отстапување од овие принципи ја нарушува довербата на граѓаните во правосудниот систем и го доведува во прашање интегритетот на процесот“,
порачаа од Мала Речица.
Полицијата во координација со Основното јавно обвинителство Скопје вчера извршила претреси на две локации во главниот град. Акцијата следува по пријава за сторени кривични дела – фалсификување службена исправа и употреба на исправа со невистинита содржина. Од МВР за „360 степени“ изјавија дека претресите се извршени во дом на едно лице со иницијали Н.С. и во детска градинка каде што работи тоа лице.
Коха.мк, пак, објави дека се испитуваат три лица поради фалсификување документи и нелегално учество на тендери. Според извори на „Коха“, станува збор за лицата со иницијали Б.Х. (39), В.Р. и Н.С.Б., кои се уапсени, а подоцна пуштени на слобода за понатамошна постапка. Весникот „Коха“ наведува дека еден од осомничените, 39-годишниот Б. Х., работи како раководител на оддел на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој претходно бил вклучен во тимот на лидер на партија во главниот град.
