Рашков појасни дека Општината нема ингеренции за издавање лиценци за ноќен клуб или кабаре, туку тоа го прави Министерството за економија, а уплатите се делат на половина меѓу централниот и локалниот буџет

Во општинскиот даночен регистар на Кочани т.н. кабаре „Пулс“ не фигурирало како правно лице, туку обврските за лиценца и за фирмарина ги намирувале правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ“. Ова го истакна Дејан Рашков, раководител на општинскиот Сектор за финансиски прашања, на денешното рочиште за пожарот во кочанското т.н. кабаре.
Одговарајќи на прашања на Јавното обвинителство, Рашков појасни дека Општината нема ингеренции за издавање лиценци за ноќен клуб или кабаре, туку тоа го прави Министерството за економија, а уплатите се делат на половина меѓу централниот и локалниот буџет.
„Правното лице мора да добие решение за да ги уплати тие пари. Решението е од Министерството за економија и по него се врши уплата на уплатна сметка. Сметката е така направена од Министерството за финансии за 50 отсто да одат на сметка на Општина Кочани, 50 проценти во буџетот“,
рече Рашков.
Тој посочи дека за конкретниот случај биле уплатени 246 000 денари, од кои половина легнале на сметката на Општината, но не можеше да прецизира дали износот бил за лиценца за кабаре или за дискотека. На прашањето дали имало уплати директно од дискотеката „Пулс“, сведокот беше дециден дека таков субјект не постоел во нивната евиденција.
„Кога се случи настанот, имавме инспекција и ги проверувавме сите даночни обврзници и утврдивме дека како правно лице не постои“,
нагласи сведокот.
Во исказот Рашков рече и дека не знае колку дискотеки, ниту колку кабареа има во градот. Тој наведе и дека за „Класик ДМ“ дознал дури по трагичниот настан, кога, како што рече, дознал и дека „ММММ“ е правен следбеник на „Класик ДМ“.
На ваквиот исказ, како што пренесува МИА, реагираа родителите на загинатите во пожарот, кои го следат судскиот процес, посочувајќи дека, според нив, сведокот секојдневно го посетувал кафулето „Класик“ во центарот на Кочани.
Во однос на прашањата за евентуални инспекциски надзори во објектот, Рашков, кој во периодот од јануари 2022 до декември 2023 година бил и секретар на Општина Кочани, истакна дека општинските инспектори дејствуваат независно и одговараат само пред градоначалникот, но не се под ингеренција на секретарот.
„Инспекциските служби делуваат самостојно и независно, сами може да донесуваат записници, потпишуваат и донесуваат решенија, тие имаат соодветни лиценци да го потпишат записникот, решението и целата документација во однос на Законот за инспекциски надзор. Според Законот, инспекторите и раководителите на инспекциските служби одговараат пред градоначалникот“,
рече Рашков и додаде дека не е запознаен дали во тој период бил извршен надзор врз објектот „Пулс“.
При вкрстеното испитување од страна на бранителката на првообвинетиот, Ивана Коцевска, Рашков потврди дека Општината ја утврдува висината на надоместокот и дека правните лица „Класик ДМ“ и „ММММ“ вршеле уплати по тој основ. Воедно, тој се согласи со констатацијата на одбраната дека сопственикот на објектот не е должен да ја извести Општината за организација на настан во кабаре или дискотека.
На денешното рочиште на клупата за сведоци беше и Драги Илиевски, раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште, кој наведе дека Општина Кочани навремено го поништила известувањето за користење паркинг-простор и побарала од Државниот инспекторат (ДПИ) да не му издава лиценца за работа на т.н. кабаре.
Претходно, на почетокот од денешното рочиште, откога сите бранители се произнесоа по однос на листата на сведоци предложени од Јавното обвинителство, Судот донесе решение дека има согласност за повлекување на сослушувањето на сведоците Ана Карова, Трајче Трајчов, Ангелчо Ангелков и Мартин Јосифов. Сведокот Љупчо Димитровски и останатите ќе бидат повикани да бидат сослушани, со оглед дека за нив нема согласност за повлекување.
