Сведокот Драги Илиевски на денешното рочиште посочи дека првично, на 3 октомври 2012 година, Општина Кочани дала позитивно известување на барањето на Дејан Јованов од ДООЕЛ „Класик ДМ“ за користење на јавните паркиралишта во таа зона, но подоцна тоа било повлечено откога дознале за вистинската намена на објектот
Со сослушување на сведоци на Обвинителството, денеска во судницата во Идризово продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде лани на 16 март загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

На клупата за сведоци седна Драги Илиевски, раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште, кој наведе дека Општина Кочани навремено го поништила известувањето за користење паркинг-простор и побарала од Државниот инспекторат (ДПИ) да не му издава лиценца за работа на т.н. кабаре.
Одговарајќи на прашања од Јавното обвинителство, Илиевски, кој на оваа функција е од 2012 година, појасни дека објектот се наоѓал во зоната Г2, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволена пренамена за угостителска дејност од ваков ти, пренесе МИА.
„Значи, зоните не може да се менуваат. Ме прашавте дали е направена пренамена, не е направена пренамена на тој објект, ниту може да се промени зоната и целиот тој локалитет е лесна и незагадувачка индустрија“,
рече Илиевски.
Сведокот посочи дека првично, на 3 октомври 2012 година, Општина Кочани дала позитивно известување на барањето на Дејан Јованов од ДООЕЛ „Класик ДМ“ за користење на јавните паркиралишта во таа зона, но подоцна тоа било повлечено откога дознале за вистинската намена на објектот.
„По одредени сознанија дека ќе се отвора дискотека, ние го имаме поништено ова известување. Таму наведуваме дека тие паркинзи се за лесна и незагадувачка индустрија Г2, а не за дискотеки или барови што ќе се отвораат. Тоа е доставено до Дејан Јованов од ДООЕЛ ‘Класик ДМ’,
рече сведокот.
Според исказот на Илиевски, Општина Кочани се обратила и до државните институции за да спречи отворање ноќен клуб во индустриската зона. Тогашниот градоначалник Ратко Димитровски побарал информација од Министерството за економија дали за компанијата е издадена лиценца, но бидејќи не добиле одговор, било испратено директно барање до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
„Да, доставено е и до директорот на Државниот пазарен инспекорат. Претходниот градоначалник Ратко Димитровски имаше сознанија дека ќе се отвора дискотека или ноќен клуб, има поднесено барање до Министерството за економија за информација дали на компанијата „Класик“ ѝ имаат издадено лиценца за отворање дискотека или немаат издадено. Тоа е на 19.10.2012 година. Ние почекавме одреден период за да добиеме повратна информација за лиценца, не нѐ удостоија со повратен одговор и со договор на градоначалникот јас пишав до директорот на Државниот пазарен инспекторат барање за неиздавање лиценца за дискотека. Причините кои беа, ние го поништивме решението за паркинг-место, овие паркинг-места се наменети за лесна индустрија, таму немаме А1 или А2 или други зони“,
наведе Илиевски.
Прашан од каде Општината имала сознанија за намерите на инвеститорот, сведокот одговори „тоа се зборуваше во градот, не стриктно од еден човек или слично, туку се зборуваше во град, па се прашавме како може да се отвора дискотека на тој локалитет, кој е наменет за лесна индустрија“.
Во однос на прашањето дали Општината извршила инспекциски надзор или презела други дејства откако дискотеката почнала со работа, Илиевски нагласи дека неговиот сектор нема такви надлежности.
„Како што кажав, нашиот сектор нема ингеренции, а дали некој друг презел нешто, немам информација“,
додаде сведокот.
Во текот на испитувањето судот не ги дозволи некои од прашањата на Обвинителството, поврзани со надлежностите на ДПИ и евентуалните понатамошни мерки од градоначалникот, со образложение дека сведокот веќе појаснил оти неговиот оддел нема инспекциски ингеренции и дека институциите биле навремено известени.
На прашања од бранителката на првообвинетиот, Ивана Коцевска, сведокот потврди дека објектот бил изграден со техничка документација за лесна индустрија. Во однос на посочувањата од одбраната дека во истата зона функционираат и други деловни објекти, како хотели, Илиевски појасни дека тие имаат посебна маркичка или дел од пренамена.

Коцевска во текот на вкрстеното испитување посочи дека во општинскиот систем постои потврда дека Дејан Јованов го примил првичното позитивно известување за користење на паркингот, но не постои потврда дека го примил известувањето за негово поништување. Воедно, сведокот пред судот се согласи со констатацијата на одбраната дека согласност за користење на јавните паркиралишта не дава Општината, туку таа дава само мислење, а дозволата ја издава Министерството за внатрешни работи.
Претходно, на почетокот од денешното рочиште, откога сите бранители се произнесоа по однос на листата на сведоци предложени од Јавното обвинителство, Судот донесе решение дека има согласност за повлекување на сослушувањето на сведоците Ана Карова, Трајче Трајчов, Ангелчо Ангелков и Мартин Јосифов. Сведокот Љупчо Димитровски и останатите ќе бидат повикани да бидат сослушани, со оглед дека за нив нема согласност за повлекување.
На минатото рочиште беше сослушан сведокот Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кој изјави дека до 2020 година не биле предвидувани редовни инспекциски надзори во општини во кои нема инспектори, а Кочани немало покриеност со инспектор за проверки и превенција.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
