Мицкоски појасни дека енергетскиот пазар е динамичен и дека во моменти кога цената на берзите е нула или во минус, логично е да се презема таа енергија наместо да се трошат домашните акумулации

Добро е што Демократската унија за интеграција (ДУИ) излезе од ретро политиките на политичарите од пред неколку децении и почнаа да се интересираат за реалните теми што ги интересираат граѓаните, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавата на Мицкоски се однесува на денешните наводи од ДУИ кои велат дека само од почетокот на 2026 година, ЕСМ со цел да ги покрие потребите на домаќинствата и малите потрошувачи била принудена да набавува електрична енергија во најмалку два наврати при што се потрошени 24 385 872 евра за увоз на електрична енергија.
Според Мицкоски, тоа што го кажуваат е спротивно на вистината бидејќи „не ја владеат материјата“.
„Добро што излегоа од оние пранги на национализам, етнополитика, на фолклор и што конечно ги интересираат реалните проблеми на граѓаните. Но, лошо е што не ја владеат материјата“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на страјкер‑возилата во касарната во Петровец.
Мицкоски појасни дека енергетскиот пазар е динамичен и дека во моменти кога цената на берзите е нула или во минус, логично е да се презема таа енергија наместо да се трошат домашните акумулации.
„ЕСМ во текот на ноќните часови извезува односно продава на берзите околу 850 мегават-часови, што дневно на компанијата ѝ носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра. Инаку, да, постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека има дневна комуникација со раководството на ЕСМ и оти зделките што ги правеле СДСМ и ДУИ се веќе во минатото.
„Оние долгови што беа својствени за владата на СДСМ-ДУИ, оние трансфери од буџетот 150, 200 милиони евра што завршуваа во фирми со сомнителни бизнис-зделки и во набавката на мазут, инстант компании што носеа јаглен од соседството по цена што беше 30 до 50 отсто поскапа, се во минатото. Да бидат спокојни, АД ЕСМ веќе не е таа што беше кога беше владата на СДСМ и ДУИ. Ова е компанија што денеска продава на берза и заработува на дневна основа помеѓу 100 и 150 илјади евра“,
додаде Мицкоски.
Премиерот предупреди дека светот се соочува со историски предизвик поради војната во Заливот. Според неговите наводи, нафтената криза во овој момент е поголема од големите светски кризи во 70-тите години.
„Тогаш дневно недостасувале меѓу 9 и 10 милиони барели, денеска тој недостиг изнесува помеѓу 11 и 12 милиони барели“,
рече Мицкоски.
На прашањето за ослободување мазут за потребите на ЕСМ, Мицкоски информира дека Владата уште во декември донела одлука со која на располагање стојат околу 3 000 до 3 200 тони мазут, кои ќе се користат согласно потребите на енергетскиот систем.
Од ДУИ денеска преку соопштение рекоа дека во јануари се набавени 104 160 мегават-часови по цена од 119, 50 евра за мегават-час или вкупно 12 447 120 евра. Во февруари, пак, биле 94 080 мегават-часови по цена од 126,90 евра за мегават-час или вкупно 11 938 752 евра.
Овие бројки, велат од ДУИ, јасно покажуваат дека ЕСМ нема доволен производствен капацитет за да ги покрие потребите на регулираниот пазар, што директно води кон зголемен притисок врз цената на електричната енергија за граѓаните.
